„Прекројување“ на грчката влада
5 ноември 2016Грчкиот премиер Алексис Ципрас направи реконструкција на својата влада за да ги задоволи странските доверители и да го зголеми рејтингот дома каде, според анкетите, му опаѓа поддршката по една година на власт. Останува министерот за финансии Еуклид Цакалотос, главниот преговарач со ЕУ и ММФ, а остануваат и министрите за надворешни работи- Никос Коѕиас и за одбрана- Панос Каменос. Со оглед дека доверителите од Грција бараат да се забрза продажбата на државниот имот на приватни инвеститори, Ципрас го воведе во Владата, како државен секретар за економија, поранешниот шеф на Грчката агенција за приватизација, Штериос Пициорлас. Во другите клучни стопански портфељи- економија и труд, се менуваат министрите , но без очекуваната промена на политичката линија. Јоргос Катругалос кој беше цел на критики јавноста поради непопуларните реформи на пензискиот систем кои ги направи во пролетта, премина од функцијата министер за труд на функцијата помошник министер за европски прашања. Неговото место го презеде неговата блиска соработничка, Ефи Ачиоглу, која ќе преговара со доверителите за реформите на пазарот на труд.
Од неколкумината нови во обновениот тим, левичарскиот економист Димитрис Пападимитриу во Минстерството за економија е наследник на Јоргос Статакис кому му е доделено министерското место за екологија и енергетика. Многу критикуваниот поради приватизација, министерот Панајотис Скурлетис премина на местото министер за внатрешни работи. Голем губитник во реконструкцијата е Никос Филис, еден од старите функционери на владејачката радикално левичарска Сириза, кој го загуби местото министер за образование и верски прашања поради влегувањето во конфликт со влијателната Православна црква. По месеците мината на првата линија на фронтот за приливот на бегалци, Јанис Музалас го подигна рангот и дојде на чело на новото Министерство за миграциска политика, со што од таа област е исклучено критикуваното Министерство за внатрешни работи.
Десната рака на Ципрас и поранешен државен министер Никос Папас го доби новото Министерство за дигитална политика и медиуми, и покрај тоа што грчкото правосудство изминатите денови ја поништи реформата за аудиовизуелниот сектор за кој тој беше лично надлежен. Медиумите во последните денови шпекулираа за можно отворање кон социјалдемократски личности, или за подмладување на тимот, но изгледа дека преовлада потребата Ципрас да одржи рамнотежа во својата партија и баланс со својот коалициски сојузник на власт, партијата на националистичката десница АНЕЛ. Главната опозициска партија, конзервативната Нова демократија, веднаш ја исмеа реконструкцијата на Владата, нарекувајќи ја „редизајн-рециклажа“.
На власт од октомври 2015. година, тимот кој замина загуби популарност бидејќи мораше да спроведе политика на штедење која му ја наметнаа странските кредитори. СИРИЗА, според неодамнешните анкети заостанува 5-10 проценти зад Нова демократија.