Преку 300 загинати во тешкиот напад на Синај
25 ноември 2017Во нападот на Синајскиот полуостров во Египет, според последните информации кои ги пренесе државната новинска агенција Мина загинале најмалку 305 луѓе, а 128 се повредени. Меѓу загинатите има и 27 деца. Нападот се случи вчера така што во близина на џамијата на северот на Синај најнапред одекнаа експлозии, а потоа напаѓачите пукаа во луѓе кои бегајќи се обидуваа да се спасат. Според зборовите на сведоците, активирана е експлозивна направа во центарот на градот Бир ал-Абда, во близина на џамијата Ал-Равдах, по што напаѓачите почнале да пукаат на луѓето кои бегале.
Локалната полиција соопшти дека засега се непознати луѓето кои во 4 теренски возила почнале да пукаат во луѓето кои дошле да се молат во петокот. Во таа џамија се собираат суфисти кои исламистите ги сметаат за неверници, иако се муслимани.
Државното обвинителство соопшти дека имало меѓу 25 и 30 напаѓачи,кои со себе носеле знамиња на терористичката група Исламска држава.
Претседателот на Египет, Абдел Фатах ел-Сиси, го осуди нападот карактеризирајќи го како „злосторнички и кукавички“ и изрази сочуство на семејствата на жртвите. Во обраќањето емитувано на телевизија, Ел-Сиси предупреди дека нападот „нема да пројде неказнето“ и оти Египет ќе истрае во борбата против тероризмот. Тој оцени дека жртвите не се залудни и додаде оти тоа само ќе допринесе на инсистирање на борба против тероризмот. „Вооружените сили и полицијата ќе ги одмаздат нашите маченици и ќе донесат безбедност и стабилност со сила наскоро“, рече египетскиот лидер предупредувајќи дека со „брутална сила“ ќе одговори на нападот. Неколку часа по обраќањето египетската авијација ги бомбардираше засолништата на „терористите“ кои ги смета за одговорни за овој крвав напад. Паралелно безбедносните сили започнаа офанзива за елиминација на сите вклучени во нападот врз џамијата, цитираше државната телевизија „Ал Ахрам“ египетски безбедносни извори.
Засега никој не ја презеде одговорноста за нападот, а Египет веќе со години се бори против екстремистите, чии напади се радикализраа од смената на власта во 2013 година. Во поранешните бомбашки напади во Египет цел главно беа христијани, Копти.
Од канцеларијата на египетскиот претседател Ел-Сиси објавија дека се прогласува тридневна жалост.