1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прележани „детски болести“ го тресат македонското општество

Катерина Блажевска29 февруари 2016

Меѓуетнички тензии, физички напади, меѓупартиски обвинувања и аудио-снимки од приватни разговори, го „трасираат“ предизборниот период. Аналитичарите повикуваат на разум и на институционална разврска.

https://p.dw.com/p/1I3ze
Фотографија: DW/N. Velickovic

Расте загриженоста меѓу граѓаните по настаните во изминатиов викенд, кои ги ставија на нов испит безбедноста и меѓуетничкиот мир. По неодамнешто подигање споменик на албанскиот симбол - двоглав орел, викендов беше поставен темелник за изградба на крст во општината Бутел, по што уследи физички напад на Тодор Петров претседател на Светскиот македонски конгрес, организација која е донатор на крстот. Нападот врз Петров, неприведувањето на неговите извршители и најавата на ДУИ дека ќе бара референдум за поставување на православниот симбол, на површина ги изнесоа клучните дилеми. За што станува збор: за (не)прележани „детски болести“ на македонското општество или за фингирани тензии кои предизборно треба да ги јакнат рејтинзите на владејачките партии?

Лов во матно

„Мирот и стабилноста во Република Македонија сериозно се доведени во прашање. Сведоци сме на нефункционирање на институциите на системот и на се поголема подделеност на нас граѓаните“, вели професорот Јове Кекеновски.

Jove Kekenovski Professor an der Fakultät für Tourismus in Ohrid
Јове КекеновскиФотографија: Jove Kekenovski

Во сегашнава ситуација тој препознава обид на опозициските партии да фатат подобра позиција и да си го зголемат свјот рејтинг во пресрет на претстојните избори, а кај функционери од партиите на власт кои се опфатени со досегашни, но и евентуално идни кривични пријави, со сите средста да ја спасат својата предвидлива иднина и по можност повторно да победат на предвремените избори.

„Во тој галаматијас на разни интереси, ми се чини дека ќе има и обиди за нарушување на кревкиот мир и безбедноста со слични или веќе видени акции, како оваа со орелот и крстот, кои ќе имаат за цел со нарушувањето на меѓуетничките односи и внесувањето на страв кај граѓаните, да спречат кривична и друга одговорност на инволвираните функционери во направените злодела. Ќе се 'билда' лажниот патриотизам и ќе бидеме сведоци како неистомислениците ќе бидат етикетирани како предавници со кои ќе се обидат жестоко да се пресметаат. Се плашам дека оние кои ќе треба да бидат гонети ќе станат гонители. Секако, на ова се надоврзува и на она што не очекува со ескалирање на бегалската криза и неконтролираниот наплив на бегалци на нашата територија“ вели Кекеновски.

Тоа апелира до сите граѓани во институцииите и надвор од нив, да покажат својата совест, храброст и да не подлегнуваат на провокации и партиски сценарија за нарушување на мирот и стабилноста на државата.

„Гарантите на Договорот од Пржино, ЕУ и САД, ќе мора сериозно да поведат сметка и во овие најтешки времиња да им помогнат на граѓаните за конечно справување со креаторите на овие мрачни и нечовечки сценарија“, порачува Кекеновски.

Каде е Асани?

Тензиите ги зголемува и фактот дека не се приведени извршителите на нападот врз Петров, кој пак го посочи идентитетот на еден од напаѓачите.

„Ме тепаше и Бекир Асани, шефот на огранокот на ДУИ за Чаир“, напиша Петров на Фејсбук, раскажувајќи ја хронологијата и деталите за настанот.

„Оливер Спасовски веќе втор ден по претепувањето на Тодор Петров, се крие и не кажува зошто не ги апси насилниците кои го претепаа Тодор Петров“, обвини Даниела Рангелова, член на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

„Во својата изјава Тодор Петров јасно кажа и кој го нападнал, каде го нападнал и зошто го нападнал. ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да инсистира Спасовски да ги пронајде, уапси и санкционира сторителите“, рече Рангелова.

Министерот за внатрешни работи вчера изјави дека постапката е во тек.

Јавниот обвинител е известен, и за сите понатамошни информации во однос на истрагата ќе бидете информирани. (...) И покрај тоа што се пробува на секој начин да се креираат тензии за да се оправдаат одредени политички игри, на поставувањето на камен-темелникот на крстот немаше конфронтации помеѓу граѓаните Македонци и Албанци“, одговори Спасовски.

Според соопштението на МВР, при осветувањето на крстот полицијата спречила пробивање на полицискиот кордон од страна на 500 лица кои протестирале и се обиделе да го спречат верскиот обред. Никој не сака да прогнозира што би се случило, ако тоа не било спречено? И додека истрагата трае, во јавноста се шират шпекулации дека Асани е во Косово, а од ДУИ најавуваат нови активности против православниот симбол.

„Ќе се обидеме да ги преземеме сите демократски мерки за да ја спречиме изградбата на овој крст, вклучувајќи можеби и организирање референдум во општина Бутел и жалби до соодветни институции и Управниот суд, затоа што одлуката за овој крст е неправедна и го загрозува соживотот во Скопје“, рече шефот на кабинетот на Претседателот на ДУИ, Артан Груби.

Од ДУИ тврдат дека Советот на општина Бутел направил процедурална грешка, затоа што за поставувањето на крстот не се гласало со принциот на Бадинтер. Од општина Бутел, пак, велат дека за процедурите немало никакви жалби од членовите на ДУИ во општинскиот совет. Сето ова, остава сомнеж дека на јавна сцена се играат двојни игри, со цел да се создаде проблем, кој потоа „ќе се решава“ за изборни цели.

Невладината организација „Цивил“ предупреди дека се создаваат опасни тензии токму во моментот кога се потребни брзи и суштински реформи за излез од политичката криза и за создавање услови за слободни избори. Организацијата потсетува дека вакви случаи и во изминатите три години се користеле „како димна завеса за затскривање на лошото владеење“.

„Такви беа меѓуетничките тепачки меѓу младите во пресрет на локалните избори во 2013 година, етничките тензии во престрет на изборите во 2014 и начинот на кој се водеше случајот Монструм и „малата војна“ во Куманово во пресрет на големиот граѓански протест во мај 2015 година. (...) 'Цивил' ги повикува граѓаните да го следат примерот на кумановчани за време на минатогодишната безбедносна криза, кои реагираа присебно и мудро и не дозволија тероризмот и криминалот да ги разнишаат односите меѓу заедниците во овој град. Ги потсетуваме структурите на политичката моќ дека времето за создавање услови за слободни избори брзо изминува, и дека можноста за диверзија ќе води кон ново одложување на изборите и уште подлабока криза“, предупреди „Цивил“.

Громогласен молк

Но, нападот врз Петров не е единствениот случај кој чека институционална разврска. Се уште не е откриено кој на Јутјуб во два наврати досега објави аудио снимки од приватни разговори на јавни личности. За ваквиот чин, кој навестува нечиста кампања, преку упад во приватноста на граѓаните, нема многу расположение ни јавно да се говори ни да се осуди. Меѓу ретките кој реагираше на таквиот чин, е Ивица Боцевски, во колумна под наслов „Време на политичкото подземје“.

Mazedonien Der Vizeministerpräsident Ivica Bocevski
Ивица БоцевскиФотографија: DW

„Со денови следам дали институциите ќе реагираат за општеството да види дека ова морално злосторство нема да помине неказнето, но имаме громогласен молк. Нема никакви бомбастични најави или грижливо инсценирани прес-конференции, а затаија и твитер-профилите на амбасадорите. Единствено светло во овој морален македонски мрак се медиумите, кои досега одбиваат да се вклучат во обидот за политички линч и карактерно убиство на посочените македонски јавни и политички личности. Меѓутоа, штетата е направена“, оцени Боцевски.
Тој предупредува дека политиката мора да заврши онаму каде што почнува интимата.

„Доколку изостане острата осуда на овој гнасен чин, доколку избереме да молчиме и да не се ставиме на страната на жртвите само затоа што тие не ни се допаѓаат или затоа што не ги делиме нивните гледишта, тогаш овозможуваме секој од нас, неговата или нејзината интима и семејство да биде легитимна политичка мета. Доколку психопатот што дал наредба овие гнасотилаци да излезат во јавноста не биде изопштен од политиката за навек, па нека бил и наш роден брат, другар или лидер, тогаш јасно ќе ставиме до знаење дека немаме проблем монструми и социопати да ја водат нашата заедница“, констатира Боцевски, посочувајќи дека туѓата интима не е, и никогаш не смее да биде легитимна политичка цел.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема