1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев ќе биде награден од фондацијата „Фридрих Еберт“

16 ноември 2020

Меѓу „извонредните достигнувања“ на македонскиот премиер, посочена е неговата борба за граѓански и човекови права, но и договорите со Бугарија и Грција.

https://p.dw.com/p/3lLPp
Menschenrechtspreis der Friedrich-Ebert-Stiftung 2020 für Zoran Zaev
Фотографија: Government of North Macedonia

Eден ден пред состанокот на Советот за општи работи на ЕУ (17.11), на кој е неизвесно дали ќе се усвои преговарачката рамка за Северна Македонија со цел во декември да се одржи првата меѓувладина конференција, на македонскиот премиер Зоран Заев денеска ќе му биде врачена „Наградата за човекови права за 2020 година“, што ја доделува германската Фондација „Фридрих Еберт“.

Фондацијата соопшти дека му ја доделува наградата на Заев „за неговите извонредни достигнувања“, а ќе му ја врачи германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас, кој, како што потенцираат од Фондацијата, „е посебно посветен кон пристапување на Западниот Балкан во ЕУ“.

Премиерот Заев ја добива наградата во време кога соседна Бугарија ги упатува најжестоките критики кон Северна Македонија и најавува вето за нејзиниот почеток на преговори со ЕУ, во најголем дел со ирационални ставови околу нејзината историја, јазик, и идентитет. Како што се наближува 17-ти ноември, бугарски политичари решија во обвинувањата да отидат и чекор понатаму. Вчера, бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, реши „Титовото минато на земјата“ да го издигне до степен на актуелна и тековна политика, обвинувајќи дека македонската политика продолжува да ги следи идеалите на Тито и Сталин, со што ѝ се правело услуга на Русија.

„Не може од една страна да сакаш да си во ЕУ и да го демократизираш општеството, а истовремено да го чествуваш еден од најмрачните диктатори – Тито. Ако продолжиме да ги затвораме очите пред фактот дека државата продолжува да се развива по начинот замислен од Тито и Сталин, ѝ вршиме работа на Москва“, изјави Захариева во настап на БТВ.

Извонредни достигнувања

И Фондацијата „Фридрих Еберт“ во најавата за доделувањето на наградата се осврнува на авторитарните режими, со став дека 2020 година не била најдобра година кога се во прашање човековите права. Според Фондацијата, „голем број на авторитарни режими, под закрилата на Ковид-пандемијата, биле во можност да го ограничат ползувањето на човековите права до степен кој во голема мера го надминува справувањето со вирусот“.

Gebäude der Friedrich-Ebert-Stiftung
Фотографија: picture-alliance/ ZB

„Поради овие причини, сметаме дека е уште поважно да се нагласат успесите на оние кои се спротивставија на овој негативен тренд. Ваков светол пример за надеж е Зоран Заев, претседателот на Владата на Република Северна Македонија. Успесите на Заев не се основаат само на фактот дека неговата Влада го потпиша Договорот за пријателство и добрососедство со Република Бугарија во 2017 година или потпишувањето на Договорот од Преспа со Република Грција, со кое се стави крај на 27-годишниот спор за името, туку пред сѐ во самата Северна Македонија. Уште повеќе, како предводник на опозицијата, Заев се издвои како личност од исклучителна важност во борбата за граѓанските и човековите права на сите Македонци, со што на мирен начин се залагаше за нови избори во рамки на движењето 'Шарена револуција'. По бројните разочарувања, реформираната политиката на Заев уште во март доведе до позитивна одлуката на државите-членки на ЕУ да ги започнат преговорите за пристапување на Северна Македонија во Европската Унија, што во голема мера го изгради патот за влез на Северна Македонија во НАТО, како нејзината 30. членка“, се вели во образложението.

Вредности под притисок

Церемонијата за врачување на наградата најавена под мотото „Обединети! Зацврстување на човековите права и мултилатерализмот“, ќе започне во 16 часот и ќе биде пренесувана на веб-сајтот на Фондацијата. По церемонијата ќе се отвори и дискусија на тема „Како да ги заштитиме човековите права и мултилатерализмот во време кога овие вредности се под голем притисок?", во која покрај премиерот Заев ќе учествува и Горан Булдиоски, директор на Иницијатива Отворено Општество за Европа.

Фондацијата „Фридрих Еберт“ има канцеларија во Северна Македонија од 1996 година, и е посветена на поддршка на трансформација на државата во областите на граѓанско учество и активизам, социјален дијалог, пристапување на Северна Македонија во Европската Унија и регионалната соработка во Западен Балкан. Таа е најстарата политичка фондација во Германија, основана во 1925 година, чии активности се темелат врз основните идеи и вредности на социјалдемократијата – слобода, правда и солидарност. Фондацијата го должи своето основање и мисија на политичкото наследство кое зад себе го остави Фридрих Еберт (1871-1925), првиот демократски избран германски претседател.