1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Преселбата од Инџирлик значи пауза во мисиите против ИД

Нина Веркхојзер
7 јуни 2017

Германската влада донесе одлука за преселба на Бундесверот од турската база Инџирлик, откако со властите во Анкара не можеше да се договори околу правото на германските парламентарци за посета на базата.

https://p.dw.com/p/2eE8L
Von der Leyen in Jordanien (picture alliance/dpa/Bundeswehr)
Фотографија: picture-alliance/dpa/Bundeswehr

Во Кувајт, Кипар и во Јордан, извидувачките тимови на Бундесверот во изминатите недели бараа алтернативи за турската воена воздухопловна база Инџирлик. Изборот падна на јорданскиот воен аеродром Ал Азрак, кој германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лајен имаше можност самата да го види минатиот месец. Ал Азрак, според неа, претставува „споредлива алтернатива“ на Инџирлик.

Уште пред официјално да биде одлучено за преселбата, Бундесверот се подготвуваше за тоа, откако германската влада не успеа да постигне договор со Турција околу правото на германските парламентарци за посета на Инџирлик.

Добредојдени во Јордан

Аеродромот Ал Азрак, кој го користи јорданското воено воздухопловство, се наоѓа на околу 150 километри источно од главниот град Аман и на 50 километри јужно од границата со Сирија - значи географски доволно поволно за разузнувачките летови на германските авиони од типот Торнадо над Сирија и Ирак. Покрај тоа, и други партнери од анти-ИД коалицијата оперираат од Ал Азрак, имено САД и Холандија.

Türkei Incirlik Tornados der Bundeswehr Luftwaffe
Фотографија: Getty Images/AFP/T. Schwarz

И политички оваа излезна варијанта има предности. Односите меѓу Германија и Јордан се добри и пријателски, што ќе гарантира неограничено право на посета на германските пратеници на Ал Азрак. Јорданскиот крал Абдула, кој постојано се залага за добри односи со соседните држави и со Западот, го поддржува планираното преместување на германските Торнада во неговата земја.

Меѓутоа, Ал Азрак, за разлика од Инџирлик не е база на НАТО, во која Бундесверот може да очекува определени стандарди - кога станува збор за ИТ-приклучоците, горивото и друга инфраструктура. „Некои рамковни услови таму мораме допрва да ги постигнеме“, изјави портпарол на германското министерство за одбрана за Дојче Веле. Со преселбата, меѓутоа, нема ништо да се промени во вклучувањето на Торнадата во операциите на коалицијата против Исламска држава, која е раководена од главниот воздухопловен штаб на коалицијата во Катар.

Огромна логистичка операција

Покрај 250-те војници, шесте Торнада и авионите за полнење гориво мора да бидат преселени и 20 илјади тони материјал, кои ќе бидат спакувани во 200 контејнери. Од централна важност притоа е центарот, во кој се анализираат фотографиите кои од воздух ги снимаат Торнадата. Дури откако овој центар биде повторно инсталиран во Јордан, Бундесверот ќе може да продолжи со операциите.

Преселбата на авионите значи е помалку напорниот дел. Значително покомплициран ќе биде транспортот на контејнерите по морски или по воздушен пат. „Тука ќе бидат искористени сите можности - од сопствените транспортни средства, преку помошта од сојузниците, па сѐ до искористувањето капацитети од слободниот пазар“, истакнува портпарол на министерството.

Ankara Bundesaußenminister Sigmar Gabriel SPD trifft den Außenminister der Republik Türkei Mevluet Cavusoglu
Фотографија: Imago/photothek/T. Trutschel

Привремен прекин на операцијата

Пакувањето на комплетната опрема на едно место и нејзиното отпакување на друго, е невообичаена задача и за Бундесверот, и за неа ќе мора да се планираат неколку недели. Целта е, авионот за полнење гориво во воздух да може да лета во мисии за две до три недели, додека пак Торнадата во рок од два до три месеци. Можно е и сето тоа да се одвива малку побрзо.

„Ние сакаме паузата да ја направиме што пократка“, се вели во министерството за одбрана. Дотолку повеќе што паузата се случува во веројатно одлучувачката фаза на операцијата против Исламска држава, во која фотографиите снимени од воздух се итно неопходни. Затоа разузнувачките летови - а Бундесверот оствари досега 950 од нив - привремено ќе бидат преземени од другите сојузници.