1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пресметајте сами колку ќе плаќате за струја

ДТЗ
13 јуни 2022

Регулаторната комисија за енергетика објави калкулатор за пресметка на сметките за струја според новиот тарифен систем

https://p.dw.com/p/4CckQ
Stromzähler
Фотографија: Fotolia/kritiya

Граѓаните сами ќе можат да проверат колку трошат електрична енергија и да направат пресметка колку ќе плаќаат во иднина по воведувањето на новиот тарифник, со помош на калкулатор којшто го објави Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Калкулаторот за новиот тарифен систем за универзалниот снабдувач со електрична енергија  е достапен на веб- страницата на РКЕ (www.erc.org.mk).

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски на прес-конференција информираше дека потрошувачката во период на важење на евтина струја нема да влезе во блок тарифите. Повисоки сметки за струја ќе плаќаат оние кои трошат над 420 киловат часови електрична енергија во висока тарифа.

„Евтината струја нема да влегува во блоковите. Во наредниот период ќе ги примаме сите забелешки и сугестии, тие единствено можат да одат во насока за зголемување на опсегот на блоковите. Имаше доста дилеми во јавноста, на најголем дел ќе излеземе во пресрет. Со овој тарифен систем не можат да се решат сите проблеми“, изјави Бислимоски на прес-конференција со професорот Рубин Талески од ФЕИТ на која беше презентиран новиот калкулатор. 

Кој ќе ги грее скопјани?

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) ја потврди информацијата која што ја објави ДВ дека е покрената постапка за одземање на лиценците на Балкан енерџи груп (БЕГ) за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија. „Во моментот кога ќе ги одземеме лиценците ќе ја информираме Владата и согласно Законот за енергетика Владата е должна да распише тендер на кој ќе треба да се најдат нови вршители на енергетската дејност. За одземањето на лиценците нема да има реперкусии - ниту граѓаните, ниту индустријата нема да плаќаат ниту еден денар“, вели Бислимоски. 

До именувањето на новиот вршител на енергетска дејност, постојните компании на БЕГ се обврзани да ја вршат дејноста.

„Сигурен сум дека се ќе заврши пред почетокот на грејната сезона. Не можам да кажам колку ќе трае тендерот, но верувам дека од октомври БЕГ нема повеќе да ги грее скопјани“, вели првиот човек на регулаторното тело.