Пресуда на Европскиот суд против Полска
5 ноември 2019Полска врши повреда на своите обврски преземни со договорите и важечкото право во ЕУ, со тоа што за жените и мажите кои извршуваат судска и обвинителска функција, воведе различна старосна возраст за пензионирање. Спротивна на правото кое е во сила во ЕУ е и полската законска одредба за намалување на старосната граница за пензионирање за судиите во редовните судови, а истовремено на министерот за правда му се даваат ингеренции да врши продолжување на активниот професионален век на овие судии, смета Европскиот суд на правдата.
Пресудата на Европскиот суд доаѓа откако Европската комисија ја тужеше десноконзервативната влада во Варшава за донесениот закон за пензионирање на судиите.
Полската владејачка партија ПиС во 2015 година изврши опсежни реформи во судството за, како што тврдат критичарите, со нив да го стави под своја контрола. Во конкретниот случај, во 2017 година меѓу другото спроведе нови правила за пензионирање на судиите. Наместо со 67, жените според новата регулатива заминуваат во пензија со 60, а мажите со 65 години старост. Исклучоци може да одобри само министерот за правда. Од аспект на Европската комисија, тоа беше повреда на принципот на поделба на власта и рамноправноста на половите, па вложи тужба пред Европскиот суд на правдата.
Полската влада во 2018 година ја смени спорната правна регулатива, ограничувајќи ги ингеренциите на министерот за правда и ја зголеми старосната граница за пензионирање на жените - судии на 65 години. Но, Европската комисија остана на својата тужба. Брисел сега треба да изврши проверка дали извршените измени од страна на Полска ја задоволуваат донесената пресуда на Европскиот суд. Доколку не е така, ЕК може повторно да поднесе тужба пред Европскиот суд.
Веќе постои пресуда и во друг процес поврзан со полската судска реформа, односно за принудното пензионирање на судиите од Врховниот суд. Европскиот суд на правдата во јуни донесе одлука дека одредбата не е во согласност со правото во ЕУ.
Загриженоста за владеењето на правото во Полска ја натера Европската комисија да покрене и политичка казнена постапка, согласно со членот број 7 од ЕУ-договорите, која како краен исход може да има одземање на правото на глас на Полска во ЕУ-министерскиот совет. Но, во оваа постапка има мал напредок.