1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Претпазливиот реформатор: крал Абдула

Андреас Горчевски/ Ж. Ацеска23 јануари 2015

Саудискиот крал Абдула, кој почина, се обидуваше својата земја да ја води претпазливо кон реформи. Сепак, таа остана многу конзервативна, а нему и на неговите претходници најважно им беше зачувувањето на династијата.

https://p.dw.com/p/1EPSY
Фотографија: Reuters/Brendan Smialowski

Во конзервативна Саудиска Арабија промените се случуваат како на забавена снимка. Тоа го знаеше и кралот Абдула, кој се движеше многу внимателно при затегнувањето на шрафовите на општественото уредување во својата земја. Тој не се впушташе во радикални реформи.

Абдула ибн Абдулазисал-Сауд беше шестиот крал од основањето на саудиската монархија. Но, самиот и‘ припаѓаше на втората генерација на кралското семејство. Во големата пустинска држава, престолот од таткото не го наследуваат синовите, туку на него стапуваат браќата на основачот на државата, Абдуклазис ибн Сауд, кој почина во 1953. година. Тој имаше над 30 синови. Кога Абдула стана крал во 2005. година, имаше над 80 години.

Тој беше воспитуван во духот на традиционалниот ислам, а како и другите принцови, беше ангажиран во државничките работи. Во 1962 година тој ја презеде командата над Националната гарда. Подоцна стана втор, а наскоро и прв заменик на шефот на владата. Во апсолустичката саудиска монархија, кралот е истовремено и премиер, а принцот престонаследник е негов заменик. Кога полубратот на Абдула и негов претходник на функцијата, кралот Фахд, поради тешка болест мораше да се повлече од престолот, Абдула во 1996. година практично ги презеде неговите работи.

Saudi Arabien Kronprinz Abdullah Ibn Abdel Aziz Archiv 1998
Абдула како принц-престонаследник, архиваФотографија: Rabih Moghrabi/AFP/Getty Images

Регионална сила

На надворешнополитички план, Абдула продолжи да ги гради позициите на Саудиска Арабија како регионална сила. Притоа, најмногу се трудеше да го сузбие влијанието на Иран. Тоа стана јасно и во сириската граѓанска војна. Ријад ги поддржуваше бунтовниците, со намера да го собори проиранскиот режим на претседателот Башар ал-Асад и така да го ослаби Техеран.

Како саудиски крал, Абдула беше и чувар на „двете свети џамии“. Во неговата земја се наоѓаат двете најважни места за исламот- Мека и Медина. Секоја година во Мека доаѓаат милиони муслимани од цел свет. Поради тоа и саудиските владари имаат посебна улога во исламот.

Haddsch Pilgerfahrt
Кон Мека секоја година се упатуваат милиони вернициФотографија: AFP/Getty Images

Саудијците имаат специјална улога и поради својата приврзаност кон вахабизмот како многу ригорозно толкување на исламот. Државата, богати приватни лица и полуофицијални фондации ја извезуваат таа бескомпромисна верзија на религијата и во други земји. По нападите во Њујорк и Вашингтон на 11 септември 2001. година, кралството беше обвинето за поддршка на радикалниот исламизам во светот. Во Саудиска Арабија дури и најмалите реформи брзо наидуваат на отпор кај ултраконзервативните претставници на религијата. Затоа Абдула смени повеќемина противници на своите реформи.

Прва жена во владата

Тој беше критикуван и поради внимателното воведување жени во јавните работи. Откако саудиските мажи добија право на глас на локалните избори, тоа би требало од 2015. година да го добијат и жените. Абдула, освен тоа, од 2009. година првпат и‘ довери функција во владата на една жена. Заменичката на министерот за образование беше одговорна за жените во здравствениот систем во кој е стриктно поделена грижата за мажите и жените. Абдула го отвори за женски членови и советодавното тело- Шура. Притоа, упати јасни зборови до критичарите: „Урамнотежената модернизација е важно барање кое одговара на нашите исламски вредности. Во нашето време нема место за оние кои многу се колебаат и немаат храброст“. Но, со промените не се одеше предалеку. Ни во време на неговото владеење жените не добија право да возат моторни возила. Саудиска Арабија е единствено место во светот каде тоа не е дозволено.

Shoura Riyad
Соведодавнототело Шура во РијадФотографија: picture alliance/dpa

Неговите реформи, освен тоа, никогаш не ги ограничуваа апсолутните овластувања на монархот. Советодавната Шура нема речиси никакво влијание. Критиките на сметка на кралската куќа и исламот се табу. Барањата за натамошни реформи се гонат кривично, исто како и нападите врз државниот поредок. Кон критичарите се изрекуваат драстични и сурови казни, така блогерот Раиф Бадави лани беше осуден на десет години затвор и 1.000 удари со камшик.

Во Саудиска Арабија не можеше да се почувствува ни најмало ветре на Арапската пролет. Секој протест против појавите како непотизам или корупција е забранет или брутално задушен од страна на силните полициски сили. Саудиските трупи дури упаднаа и воБахреин за да ја заштитат тамошната кралска куќа од разбеснетите демонстранти. Притоа требаше да се спречи незадоволството да премине и во Саудиска Арабија. На крај, на Абдула, исто како и на неговите претходници, секогаш му беше најважно да ја зачува сопствената династија.