Претрес кај францускиот екс-премиер
15 октомври 2020Во рамките на истрагата околу кризниот менаџмент, француските иследници ги претресле приватните и службените простории на министерот за здравство Оливие Веран и на поранешниот премиер, Едуар Филип.
Станува збор за обвинувања, меѓу другото од повеќе лекари, дека владата потфрлила и доцна ставила на располагање тестови за коронавирус и заштитна опрема. Истрагата ја води Републичкиот суд (Cour de Justice de la République, CJR), единствен кој има надлежност за водење процеси за активноста на владини членови.
Претседателот на државата Емануел Макрон не може да биде повикан на судска одговорност.
По поразот на неговата партија на комуналните избори во јуни, Макрон призна грешки во поглед на кризната ситуација во јавните болници, за кои пред корона-кризата беше донесен налог за скратување на средствата.
Полициски час
Заради ставање под контрола на галопирачките бројки на новоинфицирани, во меѓувреме за Париз и осум други градови е воведена рестрикција на движењето во ноќните часови, која важи од 21 часот навечер па до 6 часот наутро и тоа почнувајќи од сабота во следните четири недели, соопшти Макрон. Во овој период граѓаните смеат да ги напуштаат своите домови само заради одење на работа или во итен медицински случај.
„Се наоѓаме среде втор бран на пандемијата, мораме да реагираме", истакна претседателот. Целта е бројката на дневните нови инфекции која сега достигна преку 20.000 да се симне на околу 3.000, а да се намали истовремено и бројот на пациенти во одделенијата за интензивна нега во болниците.
„Контролата ја немаме загубено", потенцираше Макрон, но ситуацијата е исклучително загрижувачка. Засега Франција сепак не планира целосен карантин на јавниот живот во земјата.