Приведен кумот на екс-премиерот во бегство
19 октомври 2020Скопската полиција го приведе денеска Ристо Новачевски, кум на поранешниот македонски премиер Никола Груевски. Тие, заедно со уште 4 лица, се осомничени во истрагата за сторено кривично дело перење пари со кои купиле плацеви на Водно, објавија македонските медиумите.
Во случајот наречен „Плацеви на Водно“, покрај Груевски и Новачевски, Обвинителството за организиран криминал и корупција за истото дело ги сомничи и поранешниот шеф на македонското разузнавање Сашо Мијалков, бизнисменот Јордан Камчев, неговата мајка Ратка Камчева и Ненад Јосифовиќ.
Оваа шестчлена група е осомничена дека перела пари и со нив купила градежно земјиште на Водно. Обвинителството за организиран криминал соопшти дека, по повеќемесечна предистражна постапка, „е започната истрага против шест лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело - перење пари и други приноси“ од 2006 до 2012 година.
Обвинителството потврди дека утрината е приведен Ристо Новачевски соопшти оти побарало да му биде одреден притвор и да му биде замрзнат имотот, а дека првоосомничениот Груевски е недостапен за органите на гонење, додека за останатите веќе постојат превентивни мерки на претпазливост во други кривични предмети.
Повеќе:
-Груевски за ФАЦ: Не се враќам во политиката
-Кој ќе биде последната жртва на груевизмот
Камчев, Мијалков и Јосифовиќ се веќе осомничени во случајот „Империја“, којго отвори згаснатото СЈО. „Од 2006 до 2012 година првоосомничениот (Груевски), како претседател на политичка партија, дел од парите кои ги примил лично или преку општински комитети на партијата како донација за финансирање на партијата, не ги прикажал како донации во финансиските извештаи на партијата и од тие пари присвоил најмалку 1.300.260 евра или 79.972.140 денари“, наведува Обвинителството.
Од октомври 2012 до септември 2013 година, како што се наведува во соопштението,средствата прибавени со кривично дело, ги пуштил во оптек со купување на градежно земјиште на Водно. „Второосомничениот, иако знаел дека паричните средства се прибавени со кривично дело, стапил во контакт со сопственикот на веќе регистрирана офшор фирма во Белизе и побарал документацијата, печатите и жиро-сметката да му бидат дадени на располагање“, се вели во денешното соопштение од Основното јавно обвинителство.
„Во јули 2012 година е основана ќерка-фирма во Скопје, во која во договор со првоосомничениот управникот стана третоосомничен. На сметка на ова правно лице во повеќе наврати во оптег се пуштани средства прибавени со кривично дело. По договор за купопродажна цена, со тие пари третоосомничениот им плаќал на сопствениците на земјиштето, со што е сокриен изворот на пари и правниот сопственик на земјиштето со вкупна површина од 11.000 метри квадратни“, соопштија од Обвинителството.