1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Приказната со капитални инвестиции постојано се репризира

Костадин Делимитов
21 ноември 2020

Амбициозниот план за изградба на патишта, железници, гасоводи нема да го даде посакуваниот ефект без сериозна посветеност кон образованието, но и сузбивањето на сивата економија.

https://p.dw.com/p/3ldsF
Symbolbild Wirtschaft und Finanzen
Фотографија: picture-alliance/K. Ohlenschläger

Многу најави, малку реализиција. Приказната со капиталните инвестиции во Северна Македонија од година во година постојано доживува реприза, но никако да доживее и промена. Веќе со децении стана вообичаено на крајот од секоја фискална година да слушаме вести дека планираните капитални проекти потфрлиле во реализацијата, кои по правило ги следат најави дека не’ очекуваат подобри 365 денови во кои ракавите ќе се засукаат за да се сработи повеќе и подобро. Така е и оваа година, која главно поради пандемијата ќе заврши со веројатно најкатастрофален резултат во овој сегмент, кој според сите параметри важи за еден од клучните за долгорочен развој на секоја, па и на македонската економија.

Во очекување на статистичките податоци за кризната 2020, Владата веќе го објави планот за наредната 2021 година, која исто така го има предзнакот кризна. Повторно се најавуваат проекти од типот на изградба на автопати, железница, енергетика,  инвестиции во здравство, социјала. И тоа во пообемен износ за разлика од првично планираните за годинава, или конкретно 23 милијарди денари за капитални проекти, што е за 20% повеќе од буџетот за 2020, кој патем претрпе две корекции.

Повеќе:

Пандемијата ја урна економијата - Македонија должи над 6,5 милијарди евра

Антикризната помош е навремена, но колку и доволна?

Загрижувачки прогнози на ЕК: Пад на македонската економија за 4,9 отсто

Без одржлива стратегија

Во услови на криза предизвикана од пандемијата, најавите за инвестиции од над 370 милиони евра звучат охрабрувачки. Таргетирањето е јасно и досега видено, но она што виси како дилема и овој пат е ' колку плановите се реални, остварливи и соодветно поставени? Власта е оптимист и уверува дека приоритетите се соодветно поставени. Експертите, пак, се внимателни, иако немаат дилеми дека инвестициите во капитални проекти значат живот за македонската економија:

„На македонската економија и’ фалат многу работи кога станува збор за стратегијата и нејзиниот развој. Она што досега е проблем е што таа се води стихијно, без одржлива стратегија која е насочена кон реален развој на економијата, а не како што досега сме сведоци на економски политики кои се главно интерес на секоја од владејачките структури и бизнис заедницата која во моментот е блиска до нив. Овие аномалии се присутни со децении и не носат развој, туку само краткорочен бенефит за одредена категорија која го сели капиталот надвор од државата. Кога на сето ова ќе го додадете и проблемот со девастираното образование и недоволно развиената инфраструктура ,тогаш е јасно каде сме и што ни е потребно“, коментира за Дојче веле Горан Рафајловски, долгогодишен стопанственик. 

Mazedonien Skopje Arcelor Mital-Fabrik
Инвестициите во капитални проекти значат живот за македонската економијаФотографија: DW/Petr Stojanovski

Нема силни компании без едуцирани кадри

Потфрлањето во реализацијата на капиталните проекти низ годините како хроничен проблем е едната страна на приказната и главно е резултат на недоволните капацитети и неспособноста на административците да одговорат на предизвикот.  Експертите се загрижени што во вакви усови дополнително се оставаат зафрлени и проблемите од типот на сивата економија, или образованието кои важат за клучни во секоја смисла:

„Градењето патишта, железници и се’ останато се и тоа како потребни, но нема да го дадат посакуваниот ефект ако не инвестирате во човечкиот потенцијал. Но видете до каде е дојдено нашето образование! Тоа е безмалку девастирано, без правец и без никаква комуникација со бизнис заедницата за да се продуцираат кадри по потреба. Се’ помалку има интерес за базните науки, математичари, физичари, хемичари, скоро и да ги немаме. А без нив не можеме да правиме нови производи, ниту да напредуваме, ниту да обезбедиме луѓе. Ќе инвестирате во лаборатории, но нема да имате луѓе за работа. Не може да имате силни компании и инвестиции ако немате едуцирани кадри. Страотен е проблемот, утре ќе немаме кој да ни ги едуцира децата“, реагира Рафајловски.  

Mazedonien Autobahn Kicevo-Ohrid
Градењето патишта, железници и се’ останато се и тоа како потребни, но нема да го дадат посакуваниот ефект ако не се инвестира во човечкиот потенцијал, вели РафајловскиФотографија: DW/K. Delimitov

Плаќај, за да имаш

Она што дополнително загрижува, според упатените, е проблемот со сивата економија. Оваа црна дупка годишно голта многу пари. Цехот е огромен, а него го плаќа не само државата, туку и бизнис заедницата и обичните граѓани:

„Решете ја сивата економија и годишно ќе добиете од 700 милиони до 1 милијарда евра кои ќе можете да ги инвестирате во што сакате. Толкави се пресметките за обемот на сивата економија која достигнува 40%, односно бројките кои државата ги губи поради неплаќање на придонеси за плати, даноци и слично. А дали сте свесни што ќе значи за буџетот ако истата ја решите и ја сведете на европски рамки на 7 до 10%? Затоа е многу важно да се делува решително, да има едукациски програми од типот- плаќај за да имаш, дополнително со сериозни контроли за затворање, санкционирање на сивата економија и комплетно попречување на нејзино постоење. Работењето надвор од системот е несфатлива штета на државата, но и на бизнис заедницата која работи регуларно“, реагира Рафајловски.

Сивата економија е редовна критика во извештаите на европските, но и останатите меѓународни политички и финансиски институции. Не само за развој на домашната економија, туку и за привлекување на странските инвеститори. Од Владата велат дека се свесни за предизвиците кои се детектирани и системски се работи за нивно подобрување. Фокусот е на повеќе области, вклучително и сивата економија и образованието. Сепак, во периодот на пандемија, приотитет е здравството. Ова е оценката и на Меѓународниот монетарен фонд, од каде сметаат дека капиталните инвестиции во наредниот период се важни за зголемување на потенцијалниот раст на економијата. Сепак, во услови на Ковид-19 тие препорачуваат дека треба да се продолжи со поддршка на здравствениот сектор како приоритет.

Rotstift / Symbolbild / Haushalt
Нема година во која реализацијата на капиталните проекти надминува 80% од планираното и тоа по направените ребаланси на буџетотФотографија: dapd

Ниска реализација на капиталните проекти

Она што е новина кога станува збор за поуспешна и позначајна реализација на капиталните инбвестиции е т.н. функционален механизам кој се предвидува во буџетот за 2021. Идејата е да се насочуваат средствата кон проектите со поголема реализација. Во зависност од реализацијата, на квартално ниво ќе се зголемуваат, односно одземаат средствата за реализација на планираните капитални проекти. Кон подобра реализација треба да придонесе и Националниот инвестициски комитет, кој ќе се координира на ниво на Влада за да се зајакнат инвестициите во инфраструктурата, преку модернизирање на патната и железничка инфраструктура, но и енергетиката, здравството, образованието, социјалата.

Како стои реализацијата на капиталните инвестиции за годинава покажуваат бројките од реализирани само 40% од планираните и тоа заклучно со септември. Ниската реализација на капиталните проекти не е карактеристика само за годините како оваа, која е под дополнителен удар на пандемијата на Ковид-19. Речиси и да нема година во која потфрлањето на овој план не е сериозно. Ако се погледне статистички, нема година во која реализацијата надминува 80% од планираното и тоа по направените ребаланси на буџетот. Инаку, финансирањето на инвестициите за наредната година е планирано со средства од повеќе извори - буџетски, ИПА фондови, домашни и надворешни задолжувања.

Младите се иселуваат, компаниите бараат работници