1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пријателот мој, дигитален окупатор

Фолкер Вагенер / Превод: Е.М.Фиданоска28 октомври 2013

САД шпионираат во голем стил. Притоа паѓа в очи дека прислушуваат токму меѓу своите пријатели и сојузници. Германија треба да пружи отпор против дигитална окупација, оценува Фолкер Вагенер во својот коментар.

https://p.dw.com/p/1A7G8
Фотографија: picture-alliance/dpa

Вашингтон 1972-ра. Извршен е упад во седиштето на Демократската партија. Налогодавачите се од опкружувањето на Ричард Никсон, претседателот на САД. Криминалниот обид да се стигне до повеќе информации за изборната стратегија на политичкиот противник подоцна го чинеше републиканскиот претседател функција. Вотергејт оттогаш е нешто како дамка на срам во политичката култура во САД. Над четири децении тој поим служи како синоним за политички монструозности.

Државите немаат пријатели, тие имаат интереси

Не туку така прислушувањето на НСА во Берлин брзо го доби името „мобилгејт“. Кој тоа сака упадот во мобилните комуникации на Меркел да го спореди со Вотергејт? Во принцип, споредбата е легитимна. Во дигитална ера не се веќе потребни џепна лампа и метална шипка за да се дојде до информации. Патиштата да се стигне до информации се поинакви, но целта е иста.

Американците го прават она што е можно, дури и ако е незаконски и неморално. Тоа го велат самите за себе и за своите стремежи за моќ. Така погледнато, Барак Обама е пред се‘ прв претставник на интересите на својата земја и светот го посматра од таа позиција. Сосема според дефиницијата на поранешниот француски претседател Шарл де Гол - државите немаат пријатели, туку имаат интереси.

Deutsche Welle Volker Wagener Deutschland Chefredaktion REGIONEN
Фолкер Вагенер, автор на коментаротФотографија: DW

А интересите на Вашингтон се секогаш глобални. Ако е точно, тогаш САД ширум светот имаат околу 80 центри за прислушување, од кои 19 се во Европа, а во Германија има две. Покрај Берлин, таква централа има и во Франкфурт, во финансиската и банкарска метропола на Германија. Тоа остава простор да се заклучи дека тука станува збор за тоа да се открие што се случува и се знае во светот на високите финансии. Тоа е предавнички.

Прислушување на пријатели е злоупотреба на моќта

Германија има многу за што да им заблагодари на САД. Ние, меѓу другото, од нив на подарок ја добивме демократијата, таа во секој случај не е нешто за што самите се изборивме. Голем е придонесот на Маршаловиот план за земјата да стане она што е со децении - економски џин. Со ваква историска позадина, поранешната Сојузна Република Германија, а потоа и повторно обединетата Германија со својата централа во Берлин, никогаш не успеа политички да се еманципира сосема од Вашингтон.

Ние секогаш, речиси без поговор, бевме на страната на големиот брат. Шредеровото „не“ за војната во Ирак е исклучок во историјата. Аферата со прислушување е шанса за уште еден „рез“. Токму поради тоа што германско-американското пријателство важи за особено интензивно и некршливо, реакцијата на Берлин треба да биде сосема поинаква - и во тонот и во постапките.

Можности за самоуверен германски отпор има. Разговорите за слободна трговија во рамки на ЕУ и заедничката германско-бразилска иницијатива за резолуција на ОН против САД. Сеедно што од тоа на крајот ќе излезе, пораката мора да гласи - чашата е полна. Ако Вашингтон 70 години по крајот на Втората светска војна и 23 години по германското обединување се‘ уште се однесува како дигитален окупатор, тогаш е време да се постави прашањето за пријателство.