1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Снегот и дождот предизвикаа поплави и колапс во повеќе села

ДТЗ
13 декември 2021

Поплавени домови, десетици села без струја и вода, бројни граѓани заглавија во планинските места поради големи наноси снег. Невремето парализираше делови на земјата.

https://p.dw.com/p/44Bh9
Северна Македонија Невреме
Бројни поплавени домови, десетици села без струја и вода, одрони и затрупани патишта од невремето во Македонија. фото: архиваФотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

Бројни поплавени домови, десетици села без струја и вода, одрони и затрупани патишта, туристи заглавени во повисоките планински места - ова е епилогот од неколкудневното невреме коешто ја зафати Северна Македонија, проследено со обилен снег и силни дождови. Денеска ситуацијата веќе е смирена, но последиците од невремето останаа. Надлежните укажуваат дека неисчистените терцијални канали, кои најчесто се запушени со кабаст отпад се главна причина за поплавите коишто се случија во неколку региони во земјата. 

Опасноста се уште демне 

Невремето се стиши, но опасностите се уште постојат. Првиот човек на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов предупредува дека се можни нови снежни наноси. Но, до нови проблеми може да дојде и поради наглото топење на снегот. „Земјата е веќе заситена, ако дојде до нагло топење на снежните наноси, можно е да доведе до нови поплави“, предупредува Ангелов. 

Врнежите од дожд и снег кои паѓаа изминатите денови ги зголемија водостоите на водотеците и суводолиците во земјата. Најголеми покачувања на водостоите има во источните и јужните делови од државата, а излевања на реките се забележани во сливовите на реките Брегалница, Струмица и Крива Река. Управата за хидрометеоролошки работи соопшти дека високи водостои има и кај Пчиња, Треска, Црна и Боротинска река, а појава на заезерување има во Пелагонија и Струшкиот регион. Високи водостои во долните сливни подрачја има кај реките Пчиња, Брегалница, Струмица, Црна и Боротинска Река.

Поради алармантно високиот водостој на река Брегалница и новите врнежи од дожд и снег, Кризниот штаб на општина Штип, одржа состанок на кој се донесоа неколку превентивни решенија за заштита од излевање. Најкритични точки се кај бањата Кежовица и бунарите во населбата 8-ми Ноември, од кој градот се снабдува со вода за пиење. Реката Струма направи проблеми во струмичкиот регион, кај селата Василево и Ново Село поплавени се дворовите на 30 објекти. Крива река, пак, се излеа во близина на селото Довезенце, по обилните врнежи од дожд и зголемениот водостој. Притоа било зафатено земјоделско земјиште, а водата се доближила до куќите и шталите. 

Опасност од излевање на водата од реката Пчиња имало во близина на Коински мост, поради насобрани гранки и секаков отпад, па протекот на водата било отежнато.  Истиот проблем бил пријавен и кај мостот во селото Пчиња, поради насобраните гранки и дрва кои го попречувале протокот на водата и ја доведувале во опасност и стабилноста на мостот. 

Река Брегалница се излеа од коритото и во централното градско подрачје на Делчево. Интензните врнежи предизвикаа и одрони на патот од Виница кон Македонска Каменица. Се препорачува внимателно движење покрај реките и суводолиците поради појава на свлечишта. 

Малите запушени канали се најголем проблем 

„Уште пред неколку месеци најавивме дека е можно да има поплави, поради што имавме средби со надлежните во ЈП „Водостопанство“ и со претставници на локалните самоуправи, коишто се надлежни за чистење на  каналите“, вели Ангелов. Според него, примарните и секундарните канали не се проблем, оти според неговите сознанија, најголемиот дел од нив се исчистени. Но, тој проблемот го лоцира кај малите канали коишто поминуваат низ селата, покрај домовите, а за кои граѓаните не водат доволно грижа за да ги одржуваат чисти - туку напротив ги запушуваат фрлајќи секаков отпад во нив. Последиците на тоа се големи - економски штети и бројни поплавени домови, во кои што десетици семејства не можат да влезат. 

Заглавени туристи во планинските места 

Снегот ги затрупа планинските села и дел од туристите ги остави отсечени. Од ЦУК информраат дека група од 12 граѓани биле заглавени во Лазарополе, по што екипите интервенирале за расчистување на патот. Било интервенирано и за спасување на момче коешто излетало со возило од патот и завршило во снежен нанос. Надлежните апелираат до граѓаните да ја следат временската грогноза и доколку има најава за нови снежни врнежи да ги избегнуваат повисоките планински места,бидејќи е потребно подолго време за да се исчистат патиштата до нив. 

-повеќе на темата: По поплавите во Германија- Ги научи ли С. Македонија лекциите од Стајковци?

Тој укажа дека е потребно постоење на екипи за брза интервенција, кои веднаш ќе излезат на терен во случај на проблем или доколку се најде во опасност некој граѓанин. Исто така посочи дека се набавуваат нови возила и се обновува возниот парк на Јавното претпријатие за одржување на патиштата, но дел од возилата за чистење на снегот се стари, па често се случува да се расипат на лице место. Па така, место да го расчистуваат снегот, потребно е да се праќаат други возила кои ќе ги поправаат оние што се расипале.