1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пропаста на најстарата банка во светот

Ф. Цан/Б. Георгиевски1 мај 2014

Сиена, град во срцето на Тоскана, може да се пофали дека е седиште на најстарата активна банка во светот. Монте деи Паски е основана пред повеќе од 500 години и градот долго профитираше од нејзините успеси.

https://p.dw.com/p/1BkDg
Фотографија: Reuters

Градот живееше од банката, а таа беше основата на целиот град. Потоа се случи она, што на глобално ниво го потресе целиот финансиски свет: и менаџерите на италијанската банка станаа премногу алчни, а гладoт за што поголема и побрза заработка ги одведе во ризични води. Пари на почетокот имаше и отповеќе, но на идилата набрзо и дојде крајот. Сега банката мора да ја спасуваат даночните обврзници, а градот се бори да не потоне заедно со неа.

Нештата во Сиена делуваат нормално само од птичја перспектива. Со висина од сто метри камбанаријата на Градскиот совет се издига над градот и Пјаца дел кампо. Во Сиена некогаш имаше многу кули. Секое семејство на тој начин ја покажуваше својата моќ, меѓу нив и Салимбени. Во 1419. година, по еден политички спор, семејството било протерано од градот, нивната палата конфискувана и станала седиште на првата градска банка.

Bildergalerie Nachhaltige Städte Siena
СиенаФотографија: cc-by-sa/Massimo Catarinella

Над 500 години банката Монте деи Паски и’ носеше на Сиена богатство и благосостојба, сѐ до 2012. Тогаш банката прокоцка сѐ преку една скапа фузија и рискантни финансиски деривати. Нејзиниот претседател мораше да си оди. Обвинителството отвори истрага. Оттогаш неколкумина поранешни менаџери на банката се во домашен притвор.

„За жал, бевме сцена на една од најголемите финансиски шпекулации во цела Европа, во обем од 20 милијарди евра. Тие пари се загубени и ние имаме огромна планина од долгови. Со тоа, градот Сиена не само што е тешко погоден, туку е и дополнително осиромашен“, вели Бруно Валентини, градоначалник на Сиена.

Пресуши изворот

Тежок удар за некогаш богатата Сиена. Преку една фондација градот беше најголем акционер во банката. Благодарение на високите дивиденди, пари никогаш не недостасуваа. Тоа го потврдува и Валентини:

„Беше едноставно. Ќе го миневте Пјаца дел Кампо и ќе тропневте на вратата на банката. Парите секогаш пристигнуваа, брзо и во големи количества. Никој не мораше да размислува за други извори на приход или за намалување на трошоците. Сиена, всушност, никогаш не мораше да учи како уредно да стопанисува“.

„Систем во сенка на камбанаријата“- така Рафаеле Аскери ја нарекува нездравата коалиција меѓу политиката и банката. Тие секогаш владееја со овој град според принципи кои, за жал, се толку типични за цела Италија, вели овој блогер и писател. „Тука и двете страни вршеа притисок и мамеа за да дојдат до парите на банката. Не смеевте никому да се замерите, особено не со луѓето од Демократската партија, кои тука владеат со генерации, а во Италија се претставуваат како морална инстанца“, вели Аскери.

Banca Monte dei Paschi di Siena BMPS
Фотографија: Reuters

Во своите блогови Аскери постојано ги критикува политичарите и банкарите поради нивното лошо стопанисување. Тие се виновниците што градот денес е во големи долгови:

„Со огромните пари од банкарската фондација, градот воопшто не мораше да им наметнува даноци и давачки на граѓаните. Можевме да живееме без даноци. Но, парите широкоградо се трошеа и сега ние мораме да ги враќаме долговите преку највисоки општински даноци во цела Италија“.

Го нема мецената

Пример за тоа е болницата. Таа важи за една од најдобрите во средна Италија, опремена, се разбира, со пари од банката, кои сега недостасуваат... исто како и за реномираната музичка Академија. Тука фондацијата фигурира како спонзор само уште на плакатите. Банката веќе не е мецена во Сиена.

Исто како и во спортот. Кошаркарскиот клуб беше дури осумпати едноподруго италијански првак, а сега, без спонзорство од банката, му се заканува одземање на лиценцата. Истата судбина го снајде и фудбалскиот клуб. И нему банката му ја затвори славината. Спортските навивачи се огорчени:

Italien Bank Monte Paschi David Rossi
Давид Роси, поранешниот портпарол на банката изврши самоубиство во 2013. година откако беше осомничен за корупцијаФотографија: Reuters

„Мислевме дека банката ни е солидна и дека спонзорството нема да и’ биде проблем. За жал, се покажа спротивното“.

„Тие само бараа поддршка од народот. А каде се добива таа во Италија? На стадионите, кога победува вашиот тим, без разлика дали во фудбал или кошарка“, велат двајца лути навивачи.

Оваа тактика на „леб и игри“ на банкарите и политичарите многу долго успеваше, самокритично признаваат „тифозите“ во Сиена. Вистинските последици од банкарската криза допрва следуваат: околу пет илјади работни места и 400 филијали во Сиена и низ цела Италија ќе бидат затворени. За долговите и да не зборуваме...