1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пропорционални по вокација

20 септември 2019

Пропорционални сме по вокација, затоа што сме поделени на кланови и партиски клики кои си ржат како кучиња преку ограда, за потоа да седнат на маса и да се договорат како мирно ќе профитираат. Колумна на Ивор Мицковски.

https://p.dw.com/p/3Puvx
Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Македонската политика сѐ почесто е политика на извикани фрази и празни ветувања. Секој ден се соочуваме со некоја извикана политичка тема, која потоа по обичај останува непроменета и нерешена. Таков е и случајот со промената на изборниот модел и толку споменуваната - една изборна единица со отворени листи.

Од нигде никаде ете како темата повторно стана актуелна по иницијативата на десетина пратеници, од помалите партии, се разбира. Следната година нѐ очекуваат регуларни избори, па веројатно е и оправдано помалите партии да си ја пробаат среќата со нов изборен модел кој би ги фаворизирал повеќе од актуелниот.

Тоа што е интересно е како темата за една изборна единица со отворени листи исчезна од радарот на СДСМ и премиерот Заев, кој додека беше во опозиција, една од главните предизборни мантри и ветувања му беше дека таа реформа би се нашла на врвот на приоритетите.

„Ние сме за секоја измена што ќе ја демократизира Македонија. Со една изборна единица добиваат малите партии, големите губат, но, што е најважно, добива Македонија. Подемократски парламент и со тоа и подемократска влада. Ова го бараа малите партии, а големите можат да го испорачаат. СДСМ е голема партија и очекуваме да бидеме прворангирани на изборите, што значи ние ќе изгубиме најмногу пратеници, но Македонија не смее да си дозволи веќе нови диктатори. Демократски е за новата Влада и за премиерот да одлучуваат што повеќе партии кои со една изборна единица ќе влезат во парламентот“, ќе изјави Заев во август 2015 година.

Наредната година ова тврдење ќе го внесе и во предизборната програма на партијата, каде ќе стои: „Ќе предложиме пратениците да се избираат по принципот на отворени листи, а Република Македонија да биде една изборна единица. На тој начин, секој глас ќе вреди подеднакво, а граѓаните директно ќе ги избираат своите претставници“.

Сега таа реформаторска агенда и лимфа е изгубена, делумно и разбирливо, поради комплицираноста на процесите и носењето на уставните измени. Деонтолошки гледано, ветувањето е неисполнето, но политичарот кој ги избегнува своите грешки или дадени ветувања со цел да ги заштити своите или интересите на својата партија во суштина си ја работи својата работа. Ние останатите, ја немаме таа комоција.

Но, што имаме да добиеме или да изгубиме со еден почист пропорционален модел од постојниот, и конечно која е целта на еден подобрен изборен модел, во поглед на архитектурата на нашиот политички систем?!

Теоријата е добро позната. Пропорционалниот модел со една изборна единица се смета за најчист модел затоа што не дозволува губење на гласовите како во случајот со шест изборни единици, и со тоа оставајќи ги помалите партии кои добиле и повеќе десетици илјади гласови без пратеник, а голем дел од граѓаните непретставени во парламентот.

Отворените, пак, листи, подразбираат дека освен за партијата, ќе може да се гласа и за поединечните кандидати на нејзината листа со кандидати за пратеници.

Македонски варијабли и албанска константа

Од отворените листи се очекува дека ќе ја зголемат внатрепартиската демократија, така што ќе ги натераат партиските раководства да „ризикуваат“, односно да ставаат на листите кандидати за кои се очекува дека ќе добијат поддршка од граѓаните и кои, кога би станале пратеници, причините да бидат во парламентот во значајна мера би биле индивидуални. Ваквите пратеници би било потешко да се држат под контрола од партискиот врв, за разлика од оние за кои на јавноста не ѝ е јасно зошто се на затворените листи на добитни позиции, но партиските раководства очигледно знаат. Од пратениците избрани на отворени листи се очекува повеќе да внимаваат да ја оправдаат поддршката од гласачите, зашто знаат дека ако сакаат нов мандат, тоа ќе треба да го заслужат. Постои една претенциозност околу отворените листи кога се мисли дека партиите нема да изнајдат начини како да не ја изгубат контролата, или пак, дека гласачите нема да знаат кога гласаат за партијата, кога гласаат за име. Сепак, таа наива добро звучи во теорија.

Притоа, знаеме дека дури и во еден пропорционален модел каков што е нашиот, каде изборната аритметика се одредува според Донтовиот модел, тој ги фаворизира поголемите партии. Проблемот кој најчесто им се замерува на особено чистите пропорционални модели е што создаваат огромна партиско-политичка фрагментација и на тој начин го загрозуваат бипартитизмот, а со тоа и способноста на едно мнозинство стабилно да владее. За таа цел, пак, постои и изборниот праг.

Но, што ова би значело во практична смисла за нас?

Македонскиот бипартитизам веќе покажа една своја неодржлива аномалија, каде додека двете главни македонски партии се варијабилата, главната албанска партија останува како константа. Еден битен аспект од градењето на демократски систем е да постои ротација на власта, односно алтерирање на моќта. Актуелниот систем покажа дека и во услови на излез од режим, како и во услови на демократура, тоа го гарантира помеѓу двете македонски партии. Но, не го гарантира кај албанските. Се разбира, тоа не зависи само од изборниот модел, зависи пред сѐ од тоа како гласачите гласаат и како останатите партии се однесуваат. Воедно, знаеме дека една изборна единица би ги намалила гласовите за една таква голема албанска партија (впрочем, како и кај македонските), или, во најмала рака, би ги мотивирала албанските гласачи да излезат и да гласаат и за други опции. Се разбира, таа опција би можело да биде и некоја неетничка партија, така правејќи му услуга на нашиот аномален бипартитизам.

Други колумни од авторот:

Помалку страшно од мракот на груевизмот, но сепак апсолутистички ужасно!

Парламентарната демократија го победи Борис Брегзит

Македонија гори поради своите Болсонаровци!

Притоа, нашата партиска фрагментација и онака е доста голема и не би стравувал од уште поголема, затоа што денешните мали партии се приморани да влегуваат во предизборни коалиции (секоја владејачка партија се фали со 20 плус партиски коалиции), и потоа и онака учествуваат во уценувања и договарања со главните партии, останувајќи човек-партии без своја независна агенда. Едната изборна единица би ја отстранила потребата од предизборни коалиции, давајќи им на помалите актери можност и капацитет да изградат постабилни и понезависни платформи и, се разбира, така да се обидат да добијат повеќе пратеници. Воедно би помогнала во појавувањето на нови политички субјекти, се разбира сѐ додека интересот им е да понудат нови политики, а не само да зграпчат некоја директорска позиција. Повеќе независни чинители, би имале да, поголема уценувачка моќ, но би ја разбиле или разводниле уценувачката моќ на ДУИ, и би го намалиле преговарачкиот или договарачкиот монопол на двете главни македонски партии.

Сега постои и еден друг интересен аспект. Преодот од режим во демократура се оствари преку составувањето на суштински малцинска влада, која потоа, што со странска помош, што со амнестии, што со расколот во ВМРО, што со аномалијата ДУИ, доби на моменти дури и 2/3 мнозинство. Но, останува фактот - владата на Заев е малцинска не само во бројките, туку и во суштината. Односно, постојано зависи од непријателски сојузници кои ја држат како заложник и ја деформираат политичката и реформска агенда. Од друга страна, како што времето поминува, сведоци сме дека не престануваат тајните преговори и договарања за секој закон, без разлика дали бил во интерес на СДСМ и ВМРО, или во интерес на државата. И ова е една доста неиздржлива позиција за нашиот политички систем.

Бипартиски монопол

Актуелното составување на варијабилни мнозинства не мислам дека е одржлив на долги патеки, како што ќе покаже и последниот обид за доаѓање до договор околу законот за ЈО. Мислам дека малцинските влади ќе стануваат сѐ почести во иднина, потребата од варијабилни мнозинства сѐ поголема, и дека актуелниот начин за нивно постигнување не е одржлив. Оттука, и од погоре кажаното, можеби едната изборна единица би ни направила услуга, би ги ослабнала поголемите партии и би донела нови чинители, пак ќе повторам, под услов да имаат реформски агенди, а не само султанско-вазалски амбиции. Помалку апсурдно, но и промената за која говориме можеби би ги приморала помалите партии да создадат поголеми агрегации. Од истите причини во иднина би постоела и поголема логика, како и можност за формирањето на големи коалиции, особено кога на ред ќе дојдат големите прашања поврзани со европските интеграции. Неминовно, сѐ ова би ја зајакнало улогата на Собранието, кое денеска воопшто ја нема контролната улога врз извршната власт, туку се сведува на обична гласачка машина за поголемите партии.

Се разбира, постои и ризикот од поголема фрагментација, но сѐ додека би останале на систем од 4-5 посилни партии, ризикот по способноста ефикасно да се владее, да се има governability, не би бил загрозен. Во секој случај, од еден ваков обид, гледам повеќе корист отколку штета, и стабилноста на една влада не треба да ни е фиксација, сѐ додека би имале повеќе чинители кои би биле способни меѓусебно да си влијаат и да се контролираат и, се разбира, да го имаат при срце интересот на државата. Најлошо од сѐ е да останеме на овој аномален бипартиски монопол, кој произведува стабилни влади, но тие се или авторитарни или парализирани, односно импотентни, каде наместо жива демократија во најдобар случај добиваме една мумифицирана демократура. 

Изборниот модел зависи од тоа која ни е целта. Пропорционалниот модел со една изборна единица и отворени листи може и да произведе намалување на партиите, ако му ставиме изборен праг. Некој ќе рече, па тогаш помалите ќе се здружат, на што можеме да одговориме – да, ако дозволиме сојузи. Тогаш нема да ги дозволиме. Зависи што сакаме! Речиси цела Европа изгради биполарни системи со пропорционални модели, и ако тој систем денес помалку е во криза, пак ќе кажам, не е до изборниот модел, туку до преференците на избирачите.

Мнозинскиот систем е „преварантски“

Што се однесува до мнозинскиот модел протежиран од ВМРО-ДПМНЕ, мислам дека тука немаме што да бараме. Тој секако би ѝ одговарал на најдисциплираната партиска војска во државата. Но, таков систем во земји кои имаат територијални малцинства е премногу штетен по помалите партии и премногу дисторзивен во делење на гласачките преференци. Мнозинскиот модел би ги зајакнал коалициските способности притоа не гарантирајќи стабилност, зошто еднаш завршени изборите, коалициите можат и да се растурат и секој да се врати на своите позиции. Оттука секој мнозински систем кој се базира на предизборни коалиции во суштина е „преварантски“ систем, кој не им го гарантира по изборите она што им го ветува на гласачите пред да го дадат својот глас, а на партиите им овозможува да преживаат онолку колку што веќе се на број и онакви какви што веќе се по (не)квалитет. Не ни треба изборен систем каде еден би добил и повеќе од заслуженото, нам ни е потребен систем со повеќе победници.

Конечно и една политичка опсервација зошто ни одговара пропорционалниот систем, уште повеќе ако може да е што почист. Обидот за градење на еден демократски блок, или една демократска партија која би имала доволно голема ширина, што на етничко поле, што на внатрепартиско, што на либерално ниво, или на план на зелени политики, што на промовирање независни чинители, мислам дека дефинитивно пропадна.

Се покажа суровата теснопартиска реалност и логика, што преку она како се носат одлуките, што преку перептуирањето на криминалот и корупцијата, што преку криминалот кој не се санкционираше. Неспособни сме баш за два јасни блока, колку и деструктивноста на ДПМНЕ можеби лажно да нѐ убедува во спротивното.

На крајот гледаме дека овие два големи блока не се борат еден против друг, туку дека суштински се поддржуваат, договараат, симулираат, додека во реалноста го одржуваат монополот на интереси. А сепак, ниту СДСМ е суштински монолит, особено не кога станува збор за носење реформи, ниту ДПМНЕ е монолитот на кој бевме навикнати. Оттука нашата судбина е суштински пропорционална, затоа што сме пропорционални во душа. Пропорционални сме по вокација, затоа што сме поделени на кланови и партиски клики кои си ржат како кучиња преку ограда, за потоа да седнат на маса и да се договорат како мирно ќе профитираат.

Кога е веќе така, тогаш дајте да бидеме пропорционални до крај. Ни треба изборен модел кој само подобро ќе ја преведе веќе постоечката политичка реалност.