Таткото на Протасевич тврди: Тоа не се негови зборови
25 мај 2021„Можно е носот да му е скршен, зашто формата му е поинаква и има многу пудра врз него. Целата лева страна на лицето му е покриена со пудра“, вели Димитри Протасевич, татко на уапсениот белоруски блогер Роман Протасевич, коментирајќи го видеото на неговиот син објавено вчера. „Тоа не се негови зборови, тоа не е начинот на којшто тој зборува. Се однесува многу резервирано и може да се види дека е нервозен“, вели таткото, додавајќи дека на масата има и цигари кои не се на син му, зашто „тој не пуши“.
Поради сето тоа, Димитри Протасевич е уверен дека син му бил принуден да даде таква изјава. „Син ми не може да признае дека предизвикал масовни протести, затоа што тој едноставно такво нешто нема направено.“ Според него, апсењето на син му е одмазда и би требало на критичарите на режимот да им покаже: „Видете што сме во состојба да направиме.“
„Она што овде се случува е тотално лудило“, вели таткото на Роман Протасевич.
Министерството за внатрешни работи на Белорусија соопшти дека Протасевич е во истражен затвор и дека не се жалел на здравствени проблеми. Заменикот полски министер за надворешни работи Павел Јаблонски за приватната телевизија ТВН24 рече дека неговата влада слушнала од мајката на уапсениот, која живее во Полска, дека тој е во лоша здравствена состојба, но не наведе детали.
Протасевич беше уапсен на аеродромот во главниот град на Белорусија. Во видео порака објавена вчера тој потврдува дека е во „Истражен затвор 1“ во Минск. „Ќе соработувам и натаму со иследниците и ќе признаам дека сум ги организирал масовните протести во градот Минск“, вели тој во видеото, додавајќи: „Персоналот со мене се однесува сосема соодветно и ги почитува законите“.
Повеќе:
Фотографија на денот: Каде е Роман Протасевич?
Западот треба да воведе санкции против Белорусија кои навистина ќе болат
Протасевич пред апсењето живееше во егзил. Неговиот канал беше еден од последните преостанати независни извори на информации за Белорусија откако почна масовното угнетување на дисидентите минатата година.