Протест против бугарската „држава во сенка”
7 август 2020„Реков дека сум едноставен човек кој не зборува англиски и дека затоа не сум ги разбрал. А, потоа ги изиграв”, вели бугарскиот премиер Борисов во тајно снимен телефонски разговор раскажувајќи за неговите разговори со лидерите на другите држави членки на ЕУ.
Не ја негира автентичноста на разговорот. Инаку, зборовите кои притоа ги употребува се многу пожестоки од овде наведените. Од бројните изговорени простотилаци би поцрвенел и екранот на кој го читате текстов.
Добар Борисов, лош Борисов
Автентичноста на снимките до душа не е ни потврдена, но сите кои барем еднаш имале прилика да го доживеат Борисов (и авторот на текстов) на снимката јасно ќе го препознаат не само неговиот глас, туку и неговиот начин на размислување и неговиот манипулативен став. И токму тоа станува сѐ поголем проблем, не само за Бугарија, туку за цела Унија.
Според оцените на Транспаренси интернешнел Бугарија со години е меѓу земјите со најголема корупција во ЕУ, но тој податок во Брисел радо се крие под тепихот. Имено „лошите момци” во ЕУ седат во Варшава и Будимпешта, додека во Софија „на власт е вистински Европеец и сигурен партнер”.
Повеќе:
-Две можни сценарија по полуоставката на Борисов
-Бугарија: „Отровното трио“ против Борисов
-Бојко Борисов останува на „тенок мраз“
Но, тоа е повеќе од само „оптичка илузија”: Борисов до душа од секогаш глуми добар Европјанин, кога се работи за санкции против Москва, потоа за време на бегалската криза, кога се работи за заедничка енергетска политика, почитување на финансиските критериуми, па дури и за време на корона-кризата.
Но, во исто време тој во Бугарија го урниса владеењето на правото, од економијата (пред сѐ од европските фондови) направи самопослуга за сомнителни олигарси и верни партиски пријатели. Преку своите посредници ги уништи медиумските слободи (на листата на “Репортери без граници” Бугарија е на 111 место), а демократската политика ја деградираше на вулгарно шоу на еден човек.
Целосна контрола над политиката, стопанството, правосудството и медиумите
Токму поради тоа во моментов неколку илјади луѓе протестираат на улиците во Бугарија. И тоа веќе еден месец. Ним едноставно им е дојдено преку глава. Не само поради бројните корупциски скандали во кои се вплеткани водечки луѓе од владеачката партија ГЕРБ (Граѓани за европски развој на Бугарија). И не само поради тајно снимените фотографии од спалната соба на Борисов на кои се гледа како на наткасна стои пиштол, златни прачки и купче пари од по 500 евра. И не само поради вулгарниот начин на кој се оденсува кон претседателот на државата, претседателот на парламенто и целиот бугарски народ.
Пред се, се работи за воспоставување целосна контрола над политиката, стопанството, правосудството и медиумите, што е постепено постигнато за време на трите мандати на Борисов. Три мандати во кои настана “држава во сенка“, со невидливи центри на моќ и судство кое речиси во целост е под контрола на извршната власт. Затоа и не зачудува тоа што демонстрантите во Бугарија бараат оставка и од главниот јавен обвинител Иван Гешев, полу-правник и човек кој му е послушник на моќникот, кој ја доведува во прашање поделбата на власта и врши илегален претрес во кабинетот на претседателот.
Три жени би можеле да имаат пресудна улога
Демонстрантите бараат оставка и нови избори. Сѐ уште е неизвесно дали Борисов ќе попушти, дали ќе биде подгтовен на компромис или ќе успее да се извлече за да преживее до следните редовни парламентарни избори во април 2021 година. Доста е неизвесно и како би можел да изгледа новоизбраниот парламент.
Но едно е сигурно: ЕУ, Европската народна партија (чиј член е ГЕРБ), како и германската влада, но и новата јавна обвинителка на ЕУ, повеќе не би смееле да замижуваат. Демонстрантите во Бугарија, но и повеќе новинари и познавачи на приликите во Бугарија од Германија повеќепати истакнаа, но да повториме уште еднаш: Ангела Меркел, Урсула фон дер Лајен, Лаура Ковеси – не смеете повеќе да го штитите Бојко Борисов!