1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Процес против книговодителот од Аушвиц

Ивета Ондрушкова/бг21 април 2015

70 години по Втората светска војна, еден од последните соучесници во Холокаустот ќе се најде пред суд. 93-годишниот Оскар Гренинг е обвинет дека бил соучесник во убиството на 300 илјади луѓе во Аушвиц

https://p.dw.com/p/1FBhd
Фотографија: AP

„Една ноќ во јануари 1943 година за првпат видов како Евреите ги убиваат со гас. Слушнав панични извици на луѓе во гасните комори откако се затворија вратите“, раскажа Оскар Гренинг во 2005 година во неколку интервјуа за германските магазини за времето кое го минал во Аушвиц. Таму бил две години, од септември 1942 до октомври 1944, како член на СС единица. Неговата задача била да се грижи за парите и накитот на жртвите кои биле депортирани во концентрациониот логор. Медиумите затоа го нарекоа „книговодителот на Аушвиц“. Тој смета дека е невин: „Јас никого не сум убил, бев само шраф во машината за убивање. Јас не бев сторител“, упорно тврдеше.
Десет години подоцна, Оскар Гренинг сепак ќе мора пред суд да одговара за злосторствата. Тоа значи дека денес, 21 април, пред покраинскиот суд во Линебург започнува веројатно последната голема судска постапка против некој нацист во Германија.
Државното обвинителство во Хановер во овој случај се ограничи само на ткн. „Унгарска акција“. Таа траела од 16 мај до 11 јули 1944. Во тој период нацистите во Аушвиц депортирале околу 425 илјади Евреи од Унгарија. Околу 300 илјади од нив веднаш по доаѓањето биле испратени во гасни комори и ликвидирани. Затоа е Гренинг обвинет за соучесништво во убиството на тие луѓе.

Auschwitz-Birkenau 1944 Ankunft Juden
Пристигнување на депортирани Евреи во Аушвиц во 1944 годинаФотографија: Yad Vashem Photo Archives

Во тој период во логорот пристигнале 137 железнички композиции, а Гренинг бил на должност на перонот. Бил присутен за време на ткн. селекција, кога заробениците биле делени на работно способни и „бескорисни“. Тој многу добро знаел дека овие вторите нема да бидат испратени на „дезинфекција“, како што гласело официјалното образложение. Дел од неговите задачи било и собирањето на багажот и личните работи на депортираните од перонот. Геринг морал да го прегледа секое парче багаж и од него евентуално да ги земе златото, парите или другите драгоцености. Сето тоа било детално евидентирано и потоа испратено во централата на СС во Берлин. На тој начин, според обвинението, тој активно го поддржувал нацистичкиот режим.

Никој, се разбира, нема ништо против судењето против Гренинг, но прашањето кое многумина си го поставуваат е зошто толку долго се чекало. Уште од 1958 година во Лудвигсбург постои централа во која се евидентирани сите нацистички злосторници и одамна се знаело дека тој бил чувар во Аушвиц.
Една од причините е што во меѓувреме се промени законската основа. Во 60-те и 70-те години на минатиот век, се поаѓало од тоа дека некому мора да му се докаже конкретното злосторство. Тоа се смени дури по одлуката на Покраинскиот суд во Минхен во случајот на Џон Демјанук. Овој, во меѓувреме покоен, поранешен чувар на концентрациониот логор Собибор, беше осуден за соучесништво во убиството на повеќе од 28 илјади Евреи на пет години затвор- иако не му беше конкретно докажано дека го сторил делото.

Auschwitz Tor
Влезот во АушвицФотографија: picture alliance/dpa

Само во Аушвиц од 1940 до 1945 година служеле околу 7 илјади припадници на СС. „Да важеа тогаш денешните критериуми, во Германија би биле обвинети илјадници мажи и жени“, објаснува правникот Томас Валтер. Тој во актуелниот процес застапува повеќе од 30 жртви и вели дека тоа всушност било политичка одлука. „Тоа не се сакало“, тврди адвокатот.
Судот во Линебург за судењето предвиде 27 рочишта, а пресудата би можела да биде донесена до крајот на јули. Повеќе од 60 дополнителни тужители ќе дадат изјави во постапката, а дојдоа од САД, Унгарија, Канада и Израел. Една од нив е и Ева Пуштај од Будимпешта. Таа го преживеала Аушвиц и за германскиот весник „Ди Велт“ вели: „Ме доведува до очај и самата помисла дека тој обвинет копал по нашите куфери пред мојата расплакана мајка и го држел в раце фустанчето на мојата помала сестра Гилике која беше убиена истиот ден. Но сакам да застанам пред германскиот суд и да раскажам што видов“.