1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пулицерови награди за истражувањата за Трамп

ЕМФ / дв
16 април 2019

Пулицеровата награда годинава им припадна на две новинарски истражувања за американскиот претседател Доналд Трамп. Во три други категории наградата им беше доделена на извештаи за масакри во САД.

https://p.dw.com/p/3GqlV
Pulitzer Preis Medaille
Фотографија: Imago/Xinhua

Една од реномираните Пулицерови награди отиде во рацете на репортери на „Њујорк Тајмс“ за нивното 18-месечно истражување и серијата текстови за бизнис-империјата на Доналд Трамп. Дејвид Берстоу, Сузан Крег и Рас Бутнер беа наградени во категоријата „Објаснувачко известување“. Тие, меѓу останатото, го побија тврдењето на Трамп дека со сопствени сили го создал своето богатство, образложи Пулицеровиот комитет, и покажаа дека во Трамповата бизнис-империја се користат „трикови за избегнување данок“.

Новинарите на „Њујорк Тајмс“ во своите текстови објавени во октомври 2018 меѓу другото открија дека Трамп со години добивал уплати од својот татко во висина од 413 милиони долари. Парите, како што се вели, делумно се влевале преку фантомска компанија за да се избегне плаќање данок. Трамп, според истражувањата на новинарите, на своите родители, починати во 1999 и 2000 година, еднаш им помогнал и да ја намалат вредноста на своите недвижности за на тој начин да заштедат на данок.

Пулицерова награда во категоријата „Национално известување“ доби редакцијата на „Волстрит Журнал“ за откритијата дека Трамп пред претседателските избори во 2016 година им платил пари на две жени во замена за нивниот молк. Весникот во серија текстови пишуваше за исплатите за порно-актерката Сторми Даниелс и поранешниот Плејбој-модел, Карен Мекдугал. Двете жени тврдат дека пред многу години имале сексуален однос со Трамп.

Три Пулицерови награди годинава се доделени за известувања за масакри во САД. Едната ја доби весникот „Сан Сентинел“ за известувањето за училишниот масакр во Паркланд, односно за потфрлањето на училиштата и на истрагата пред и по крвопролевањето кое се случи во февруари 2018 година.

USA: Mitarbeiter des South Florida Sun Sentinel feiern Pulitzerpreis
Вработените во „Сан Сентинел“ се радуваат на Пулицеровата наградаФотографија: Reuters/C. Jean

„Питсбург Пост-Газета“ доби награда за известувањето во врска со нападот врз синагогата во Питсбург минатиот октомври. Специјална награда му е доделена на „Капитал газета“ за известувањето и храброста за масакрот во сопствената редакција во Анаполис, Мериленд. Во нападот загинаа пет новинари, а весникот сепак излезе од печат наредниот ден. Специјалната награда е дотирана со 88.000 долари и треба да му помогне на весникот да ја продолжи својата работа.

Пулицеровата награда, која се доделува во 21 категорија, е воспотавена во 1917 година. Го носи името на американскиот новинар и издавач роден во Унгарија, Џозеф Пулицер (1847-1911).