Путин, Бугарија и македонските земји
26 мај 2017Прво, треба да престанеме да ја нарекуваме изјавата на Владимир Путин од 24 мај гаф, пропуст или недоразбирање. Тоа е целосно смислена провокација. Доказ- рускиот претседател рече дека словенската писменост „кај нас дојде од македонските земји“. И откако таа изјава предизвика еднодневна бура во Бугарија, портпаролката на Министерството за надворешни работи во Москва, Марија Захарова рече дека се работи за „вештачки скандал“ и се посомнева во... преводот. Не, нема грешка во преводот. До неодамна изучувањето на рускиот јазик беше задолжително во Бугарија. И држава од рангот на Русија не може да си дозволи да упатува случајни посланија преку претседалот или уште послучајни коментари преку дипломатијата.
Путин многу добро си ги пресметал думите со кои, истовремено кажува дека писменоста доаѓа од Македонија и дека не доаѓа оттаму. „Македонската земја“ е во исто време и коректен географски израз и некоректен историски. Ем го рекол, ем не го рекол. Тоа е исклучително пресметан исказ кој треба да има некаква цел. Не можеме да знаеме точно каква, но можеме да ги видиме директните последици.
Ефектите на Путин
Одговорот на прашањето зошто му е на Путин таа провокација би требало да е во неговата глава. Но, пред очи ни е одговорот на прашањето зошто тоа го стори. Затоа што му се може. Затоа што знае дека во Бугарија секоја слична реплика може да предизвика бура, во која крајностите ќе се судрат, а ладнокрвноста ќе отстапи. Изјавата на Путин веднаш предизвика три ефекти:
Прво, одново ги врамува односите меѓу Бугарија и Русија во емоционалната кошара на признавањето и благодарноста. Тие нам не ни признаваат нешто, ние не сме им благодарни за нешто... Русофили и русофоби сите во ист строј. Повторно историјата и го презеде приматот на сегашноста. Таа атсмофера е исклучително полезна за секој кој сака да избега од сериозните теми за интересите на Бугарија во антимонополската истрага на Европската комисија во „Газпром“, за тоа дали руската „Лукоил“ има монопол на бугарскиот пазар, за тоа како и зошто бугарските пратеници изгласаа законски промени под диктат на Москва и во интерес на рускиот „Јужен тек“.
Второ, репликата на Путин послужи како шампон за извалканите глави на најпроминентните бугарски русофили. Последниве години тие претераа. Случајно или не, најбесни од изјавите на Путин се покажаа токму традиционалните претставници на шпионско-московските интереси.
Третото е најважно- Бугарија не е сама и изјавите на Путин треба да се разгледуваат и во регионален контекст. Претседателот на Русија им подари симпатичен гест на националистичките приврзаници на Никола Груевски во Македонија, кого Москва отворено го поддржува во внатрешниот конфликт во соседната држава. Притоа ги подбуцна и најгласните претставници на македонскиот национализам, а на тој начин ги потхранува вечните балкански искри, од чие постоење Москва има интерес.
Како да се однесуваме?
Не може да биде проблем тоа што претседателот на Русија има свои интереси и се обидува да ги заштити. Проблем е стаписувањето кое во Бугарија го предизвикува секоја слична провокација. Ни да молчиш, ниту да зборуваш. Во тоа е силата на таа провокација. Едни ја повикуваат власта да реагира многу остро, други очекуваат повеќе самодоверба и смиреност. Министерката за надворешни работи Захариева небаре ја најде златната средина- му ги претстави на Путин историските факти и иронично дополни дека е среќна кога претседатели на други држави си го честитаат најсветлиот бугарски празник.
Но, стапицата беше поставена уште пред реакцијата. Затоа што бугарските политичари дадоа доволно поводи да бидат во позиција на зависност од Кремљ. Затоа што институциите не делуваат ефективно за да се спротивстават на мешањето во внатрешните работи- веројатно едноставно и не сакаат. Во таква ситуација, како и да реагира или да не реагира власта, чувството на пониженост не може да биде протерано. И сѐ додека тоа е така, секоја искажана глупост на глобален авантурист како Путин или Ердоган ќе може да предизвика и тревога во целата држава.