1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Путин го одобрил убиството на Литвиненко?

Б. Георгиевски/ртр/афп21 јануари 2016

Руската служба за безбедност и веројатно самиот претседател Путин го наредиле убиството на пребеганиот агент Литвиненко во Лондон, соопшти британски судија по обемна истрага.

https://p.dw.com/p/1Hhd9
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Driessen

Претседателот Владимир Путин веројатно ја одобрил операцијата на руската тајна служба во која бил убиен поранешниот агент на КГБ Александар Литвиненко, се наведува во извештајот на британскиот судија кој го истражуваше убиството од 2006 година.

Тогаш 43-годишниот Литвиненко, кој важеше за жесток критичар на Путин, почина откако во лондонскиот хотел „Милениум“ испи шолја чај во која бил ставен радиоактивниот изотоп полониум-210.

Истрагата која ја водеше судијата Роберт Оуен откри дека поранешните агенти на КГБ Андреј Луговој и Дмитри Ковтун го извршиле труењето во рамките на операција која била наредена од руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) - наследник на советскиот КГБ. “Земајќи ги во предвид сите докази и анализи кои ми се на располагање, открив дека операцијата на ФСБ за убиство на Литвиненко веројатно била одобрено од г-дин Патрушев и од претседателот Путин“, соопшти судијата. Никола Патрушев е поранешен директор на ФСБ.

Литвиненко, поранешен агент на ФСБ, пребега во Британија во 2000-та година и стана критичар на Путин, кого го обвинуваше за врски со организираниот криминал.

Судијата Оуен рече дека на Литвиненко се гледало како на предавник на ФСБ. „Убеден сум дека генерално земено, членови на администрацијата на Путин, вклучително и самиот претседател, како и ФСБ, имале мотив за преземање акција против Литвиненко и неговото убиство во 2006 година“, заклучил истражниот судија.

England Ergebnisse der gerichtlichen Untersuchung im Fall Litwinenko
Марина Литвиненко пред судот во ЛондонФотографија: Getty Images/D. Kitwood

Вдовицата на Литвиненко, Марина изјави дека е многу задоволна од тоа што „зборовите на нејзиниот сопруг, кажани на смртната постела, се покажале точни“.

Кремљ негира вмешаност

На смртната постела, Литвиненко тврдеше дека наредбата за неговото убиство дошла директно од Путин. Кремљ постојано негира било каква вмешаност во убиството. Руското министерство за надворешни работи денеска обвини дека Лондон ја политизирал истрагата за смртта на Литвиненко.

Луговој и Ковтун досега исто така негираа вмешаност во убиството, а Русија одбива да ги екстрадира во Британија. Луговој, кој денес е пратеник во рускиот парламент, денеска изјави дека обвинувањата против него се насочени против Москва: „Обвинувањата против мене се апсурдни. Резултатите од истрагата објавени денеска уште еднаш го потврдуваат антируското однесување на Лондон и незаинтересираноста на Британија да ги открие вистинските причини за смртта на Литвиненко“, изјави Луговој за агенцијата Интерфакс.

Смртта на Литвиненко го означи почетокот на периодот на најлоши односи меѓу Британија и Русија по крајот на Студената војна, и тие до денес продолжуваат да се влошуваат, меѓу другото и поради руската анексија на Крим и поддршката за сирискиот претседател Башар ал Асад.