„Дали САД се банана држава?“
28 октомври 2016„Верува ли навистина некој дека Русија може да влијае врз изборот на американскиот народ? Дали Америка е банана република?“, праша рускиот претседател Владимир Путин за време на конференција во Сочи (насловна фотографија) и веднаш го даде одговорот „Америка е суперсила“.
Во САД во последно време серија хакерски напади предизвика сензација. Американските власти меѓу другото ја обвинија Русија дека стои зад кражбата на илјадници имејли, од приватната електронска пошта на Џон Подеста, менаџер на изборната кампања на кандидатката на Демократската Партија, Хилари Клинтон.
Путин во обраќањето во Сочи ги нарече „хистерија“ обвинувањата за наводната желба на Москва да влијае врз исходот од претседателските избори во САД, фаворизирајќи го републиканскиот кандидат Доналд Трамп, „Во САД се разви хистерија околу влијанието на Русија врз американските претседателски избори“, истакнувајќи дека станува збор за тоа што американската политичка елита повеќе нема што да каже за сериозните прашања, како што се националниот долг или контролата на оружјето.
Според Путин, обвинувањата дека Трамп е миленик на Москва е „потполно бесмислено и валканица“. Сличните изјави се еден вид политичка борба и манипулирање со јавноста, смета рускиот претседател.
Русија, повеќе или помалку, е рамнодушна кон тоа кој на крајот ќе стане претседател на САД, посочи Путин, бидејќи според него невозможно е да се предвиди како ќе се однесуваат и републиканскиот кандидат и неговата демократска ривалка Хилари Клинтон, доколку победат. Посочи притоа дека на референдумите и изборите во светот сe почесто се случуваат изненадувања за властите.
Покрај официјалните обвинувања на американската администрација дека Русија води кампања со хакерски напади врз институциите на Демократската партија, кандидатката на оваа партијаХилари Клинтон го обвини републиканскиот ривал Трамп дека е „марионета на Путин“. Претседателските избори во САД ќе се одржат на 8. ноември.