Путин ги обвини Украина и Западот за војната
9 мај 2022Обраќајќи им се на илјадници војници собрани на Црвениот плоштад во Москва, Путин им порача дека руските трупи во Украина ја продолжуваат битката против нацизмот и дека е многу важно „да се стори сѐ за да не се повторат ужасите на глобалната војна“.
И покрај бројните шпекулации во пресрет на говорот дека би можел да најави нова ескалација на војната во Украина, Путин избегна да најави нови потези.
Путин ниту еднаш во говорот не ја спомена Украина по име, не даде проценка за текот на војната и никаква индикација за тоа уште колку долго би можела да трае. Не беше спомената ниту крвавата битка за Мариупол каде неколку илјади украински бранители засолнети во челичарницата Азовстал се уште им пружаат отпор на надмоќните руски трупи.
Мобилизација на јавното мислење
Неговиот говор беше насочен кон мобилизација на јавната поддршка преку поврзување на актуелната агресија во Украина со големата патриотска војна.
Обраќајќи им се на руските сили во Украина, тој рече: „Вие се борите за татковината, за нејзината иднина, за никој да не ги заборави лекциите од Втората светска војна“.
За конфликтот Путин ги обвини Украина и Западот, објаснувајќи дека Киев и неговите сојузници се подготвувале за „инвазија врз нашите историски земји“, во регионот Донбас и во Крим, кој Москва го анектираше во 2014 година.
„Беше создадена апсолутно неприфатлива закана за нас, директно на нашите граници“, рече Путин, наведувајќи ги испораките на оружје од НАТО за Украина и доаѓањето на странски советници.
- 9 мај: Путин во Украина си ја краде за себе „Големата победа“
Русија немаше друг избор, рече Путин, освен да започне превентивен одговор на агресијата, нарекувајќи ја „единствената правилна одлука“ за една „суверена, силна и независна земја“.
Русија во понеделникот ја одбележа 77 годишнина од победата над нацистичка Германија со паради и маршеви на Црвениот плоштад во Москва на кои учествуваа околу 11 илјади војници и повеќе од 130 воени возила.