1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Приближување- но не и повеќе

Андреј Гурков/ превод:СН10 август 2016

Претседателите на Русија и на Турција, Путин и Ердоган во Санкт Петерсбург најавија крај на леденото доба меѓу двете земји. Но пробив вреден за спомнување, тие не остварија, смета Андерај Гурков.

https://p.dw.com/p/1Jf4v
Фотографија: Reuters/S. Karpukhin

Не, тоа дефинитивно не беше голем пробив. Повеќе од три часа Владимир Путин и неговиот турски гостин Реџеп Таип Ердоган разговараа во Санкт Петерсбург, и тоа што произлезе на крајот беше сѐ освен спектакуларно приближување. На пресконференцијата по состанокот двајцата претседатели најавија крај на политичкото ледено доба меѓу двете земји и намера билатералните економски односи да бидат повторно доведени на нивото на кое некогаш се наоѓаа.

Тоа не е епохален, но без сомнение е позитивен резултат, и од гледна точка на Европејците, бидејќи тешкиот конфликтен раскин на односите како и трговската војна меѓу овие две земји не беа во интерес ни на ЕУ, ниту на НАТО.

Без приближување на ставовите за сирискиот конфликт

Меѓутоа науменото враќање кон нормални односи меѓу двете земји не треба да создава погрешна слика , бидејќи разликите во ставовите меѓу Москва и Анкара и натаму се енормни. Тоа стана јасно најдоцна во моментот кога двајцата претседатели изјавија дека темата Сирија намерно ја исклучиле од официјалните преговори, за да можат за неа во мир да разговараат по пресконференцијата. Благодарение на ваквата мала итрина двајцата претседатели беа поштедени од прашања за нивниот став за иднината на завојуваната земја и на сирискиот диктатор Асад, кого Путин го поддржува а Ердоган сака да го собори од власт.

Притоа токму воената интервенција на Русија во сирискиот конфликт во суштина беше причината за најновата ескалација во односите меѓу двете земји, која започна со соборувањето на руски воен авион од страна на турското воздухопловство во ноември 2015 година. Тоа што за клучната тема- Сирија во Санкт Петерсбург ни оддалеку не дојде до приближување, сведочи за тоа колку се чувствителни односите на двете земји и нивните геополитички амбициозни владетели и оти такви и ќе останат.

Gurkov Andrey Kommentarbild App
Андреј Гурков

За многу искри би можел да се погрижи и конфликтот во Нагорно Каранах, во кој Турците ги поддржуваат нивните блиски соседи и партнери Азербејџанците, додека Русија е во воен сојуз со историскиот сојузник Ерменија. Темата воопшто не беше ни спомната на пресконференцијата во Санкт Петерсбурк

Многу најави за намери во економската политика

Наместо тоа двајцата претседатели се концентрираа на економските прашања. Но и тука имаше забележливо многу неспоиви изјави за намери. Да, Русија постепено ќе ги укине економските санкции, но кога конкретно турските земјоделци ќе смеат да испорачуваат овошје и зеленчук на рускиот пазар, остана нејасно.

Со тек на времето, според Путин навалицата на руски туристи (запрена од него) во Турција ќе го достигне нивото кое го имаше пред почетокот на билатералната криза, но имено со тек на времето. Да, потврди Ердоган, гасоводот Турски поток за снабдување на западна Турција но и ЕУ со руски гас ќе биде изграден, но нешто поконкретен турскиот претседател не сакаше или не можеше да биде.

Единствено опиплив напредок изгледа дека има околу силно занемарената изградба на турската атомска центрака Акују: Анкара ја потврди својата подготвеност на овој проект вреден милијарди „што е можно побргу“ да му го додели статусот на стратешка инвестиција и со тоа да му овозможи долгогодишни даночни олеснувања.

Руско-турската економска и политичка соработка значи постепено ќе се нормализира, но за еден вид стратешка алијанса на двете земји, која би можела да се интерпретира како предизвик за ЕУ и генерално за Западот, барем засега не може да стане збор. А истотака и за ново машко пријателство меѓу Путин и Ердоган, дури и ако турскиот претседател неговиот домаќин го нарекуваше „драг пријателе“. Путин само возврати со дипломатското „ценет претседателе“.