1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку долго може Путин да ја финансира војната?

Тагесшау (АРД)
22 март 2022

Расте притисок врз Германија да престане да увезува руска енергија од морални причини. Каков би бил финансискиот ефект и колку тоа би влијаело на способноста на Русија да ја финансира војната во Украина?

https://p.dw.com/p/48nZs
Abschuss eines russischen Marschflugkörpers im Mittelmeer [Archiv-Foto]
Фотографија: Verteidigungsministerium der Russischen Föderation/AP/dpa/picture alliance

Сѐ пожестока е дебатата за итен прекин на увозот на нафта и гас од Русија. Со тоа би се запрело финансирањето на војната на Путин, аргументираат заговорниците на оваа мерка. Германскиот министер за економија Роберт Хабек од Зелените изјави дека донесувањето на одлуката за тоа претставува „конфликт меѓу срцето и главата, меѓу емоциите и расудувањето“. Од една страна, прашањето е дали Германија може да го одржи снабдувањето со енергија без руски гас и нафта. Од друга страна, се поставува прашањето каков би бил вистинскиот ефект од ваквата забрана за увоз врз Кремљ.

Досегашните трошоци на Русија се релативно ниски

„Најскапите елементи во оваа војна - тенкови, ракети и авиони се веќе одамна купени, уште во изминативе години и децении, и сѐ е веќе платено, " објаснува Јенс Клуге, експерт за Русија од берлинската Фондација за наука и политика, СЕП во интервју за германскиот јавен сервис АРД. Единствени трошоци што ги имаат сега се за потрошен материјал како што се нафта или дизел.
„Тоа на Русија во моментов не и проблем да го плати," вели Клуге.

Според неговите проценки, дополнителните трошоци над нормалниот воен буџет, како што се надоместоците за војници или превоз, се релативно мали, од околу 10 до 20 милиони евра дневно. Во минатото се направени навистина големи инвестиции на на ова поле - со помош на Западот, забележува Клуге. „Ние веќе го дадовме нашиот финансиски придонес во војната. Со увозот на енергенси во изминатите години и децении, ѝ овозможивме на Русија да се вооружи“, вели овој економист. 
Приходите од извозот се слеваат во рускиот државен буџет

Русија лани само од нафта и нафтени деривати заработила околу 180 милијарди долари. На тоа треба да се додадат околу 64 милијарди долари од природен гас. Само Германија во јануари увезла нафта и  природен гас од Русија  во вредност од 2,6 милијарди евра, објави германскиот Завод за статистика неделава.
Според Центарот за истражување на енергија и чист воздух (CREA), земјите-членки на ЕУ од почетокот на војната плаќаат 430 милиони евра дневно за гас и 230 милиони евра за нафта и нафтени деривати. Вкупно, повеќе од 15 милијарди евра се влеале од ЕУ во Русија од почетокот на инвазијата досега за фосилни горива. Според експертот на СВП, Клуге, земјата сега заработува речиси милијарда евра дневно.
„Ние  не ја финансираме директно руската војска,  но заедно со другите увозници го финансираме рускиот државен буџет," вели ескпертот. А меѓу 20%и 25% од буџетот е наменет за армијата. 
Сѐ уште се плаќа 
Веќе при екстракција на нафта и гас, руските компании како Газпром и Роснефт на државата треба да ѝ платат даноци за производство.  Доколку енергенсите се извезуваат, се плаќа и данок на извоз.
„Овие две компоненти извозниците во руската држава ги плаќаат во рубљи и се врзани за цената на светскиот пазар. Колку се поскапи нафтата и гасот, толку е поголем уделот што завршува во државниот буџет“, објаснува Клуге.
Притоа државните корпорации делат дивиденда и плаќаат данок на добивка.
„Сето тоа заедно сочинува 50% од рускиот државен буџет," вели Клуге. Покрај санкциите од  Западот,  Русија има пристап до овие девизни приходи и со нив може да ја стабилизира својата валута. Тоа е поради фактот што две важни банки, Гаспроомбанк и Спербанк не се исклучени од СВИФТ системот. „Во моментов преку овие банки се плаќаат нафтата и гасот. Со овие пари секако дека може да се финансира увозот на индустриска стока од целиот свет," посочува Клуге. 
Финансиски, ембаргото не штети на краток рок  
И без пристап до овие пари,  Кремљ  би можел да ја продолжи војната, велат експертите.
„Руската индустрија за оружје е главно доволна сама за себе - и во однос на суровини, и во однос на фабрики или инженери“, вели Маркус Кеуп, предавач по воена економија на Воената академија (МИЛАК) во ЕТХ Цирих.
Таа би функционирала и без приходите од енергенсите. А нафтата, дизелот или керозин кои ѝ се потребни на руската армија исто така доаѓаат од домашно производство. Русија произведува околу три милиони барели нафта дневно за сопствени потреби. Според Кеуп, оттука испораката на Роснефт не зависи од извозните трансакции или девизните приливи.
„Ако треба да води само логистичка војна во Украина, тогаш Русија би можела да ја води во недоглед".
Оттука, чисто финансиски гледано, прекинот на увозот на нафта и гас не би имал влијание врз војната.
„Во секој случај во следните неколку месеци Русија нема да зависи од овие приходи," нагласува Клуге.
Доколку ова прерасне во повеќегодишна војна или ако се прошири, парите би можеле да станат релевантен фактор.
„Дури и ако сега не ја финансираме војната, во следните неколку месеци со продолжување на увозот на енергенси ќе финансираме набавка на оружје во наредните години."

Infografik Karte Erdgasleitungen aus Russland in die EU EN
Гасоводи во функција (сива боја) и вон функција (сина боја)

Ембарго и надеж за незадоволство на граѓаните на Русија 

Запирањето на увозот на гас и нафта сепак ќе му наштети на Путин на краток рок, „бидејќи санкциите имаат различни механизми на дејствување“, вели Клуге. Покрај финансиската функција, се создава нешто за што може да се преговара со Русија.
„Со ембаргото на многу неспецифичен начин го зголемуваме притисокот врз рускиот буџет и му го отежнуваме животот на Путин."

Во таков случај државата би морала да прераспределува средства од буџетот, и веројатно би имало намалување на социјалните бенефиции и субвенциите за фирмите. На крајот, ова создава притисок во земјата и станува поттик за промена на однесувањето на јавноста.
„Во комбинација со загубите на Русија во Украина и меѓународната изолација, вакво нешто може да има тежина“, вели економистот Клуге.
„Доколку немаше прилив на пари од извозот на нафта и гас, Русија би имала сериозни буџетски проблеми“, се согласува и Кеуп. Но, сѐ додека цените на нафтата и гасот се високи како сега, Кремљ може да го издржи тоа на краток рок. Доколку се сака да се изврши вистински притисок врз Путин внатре во Русија, треба многу земји истовремено да организираат бојкот, за обемот на рускиот извоз драстично да падне или наместо тоа би требало да паднат цените, смета Кеуп. 
Дали рецесијата и инфлацијата можат да ја завршат војната? 
Според германскиот експерт, банкарскиот и финансискиот систем ќе имаат поголемо влијание врз текот на војната - од една страна инфлацијата, а од друга страна брзиот колапс на пазарот на пари. Ова може да влијае на граѓаните и да ги девалвира заштедите. Сепак прашање е дали таквото незадоволство би било доволно да се промени нешто политички.
Но, економските механизми функционираат, објаснува воениот економист.
„Голем проблем е блокирањето на девизните резерви на централната банка“, вели Кеуп. Централната банка на Русија повеќе нема многу можности да интервенира во монетарната политика, а во исто време има два проблеми кои не можат да се решат истовремено: рецесија и инфлација од над десет проценти. „Колку повеќе се бори со рецесијата, толку е полоша инфлацијата - и обратно.

Истовремено, поради високите камати, од над 20 отсто, многу приватни компании и домаќинства наскоро би можеле да имаат проблеми со отплата на кредитите. Тоа може да доведе до губење на довербата меѓу банките, неликвидност, а државата ќе мора да се вклучи за да ги спаси, вели Кеуп. Руската економија тогаш може да се намали за 10 до 20 отсто во рок од една година, а тоа би претставувало сериозен проблем за државниот буџет. Меѓутоа, прашање е дали тоа навистина ќе ја остави Русија без пари за водење на војната.