1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Путин испраќа руски трупи во Украина како „миротворци“

БГ /АП
21 февруари 2022

Рускиот претседател Владимир Путин во понеделникот нареди признавање на независноста на двата сепаратистички региони во Украина, а потоа и испраќање воени трупи како „миротворци“ за одржување на редот и мирот.

https://p.dw.com/p/47OBt
Русија Украина Доњецк
Славје во сепаратистичките региони по признавањето од РусијаФотографија: Alexei Alexandrov/AP Photo/picture alliance

Русија испраќа воени трупи како одржувачи на редот и мирот во двата сепаратистички региони во Украина, Доњецк и Луханск, откако претходно Москва најави признавање на нивната независност. САД и ЕУ најавија дека веќе се подготвени нови санкции за Русија, но и други мерки кои треба да го казнат „нарушувањето на меѓународниот поредок“, како што го оценуваат западните државници.

Во понеделникот, рускиот претседател Владимир Путин ја призна независноста на двата сепаратистички региони во источна Украина. Најавата од Москва беше директна негација на европските напори за дипломатско решение на кризата. 

Russland Präsident Putin Dekret zu abtrünnigen Regionen in Ost-Ukraine
Путин го потпишува декретот за признавање на сепаратистичките региони во УкраинаФотографија: Alexey Nikolsky/Kremlin/SPUTNIK/REUTERS

„Сметам дека е неопходно да донесам една одамна потребна одлука: Веднаш да ја признаам независноста на Доњецк и Луханск“, изјави Путин. Тој ја правдаше одлуката во едночасен, снимен говор, обвинувајќи го НАТО за кризата и нарекувајќи ја Алијансата егзистенцијална закана за Русија. Путин ја нарече Украина модерна конструкција која е нераскинливо врзана за Русија, и обвини дека по распадот на Советскиот сојуз била користена од Западот за да и наштети на Русија. 

Нови санкции од Западот  

Белата Куќа најави дека претседателот Џо Бајден ќе потпише извршна наредба со која ќе се забранат инвестиции, трговија и финансирање на сепаратистичките региони. Овие мерки ќе бидат одвоени од потешките санкции кои САД ги подготвуваат во случај на инвазија.

Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел во заедничка изјава ја нарекоа одлуката на Москва „еклатантно нарушување на меѓународното право“ и најавија реакција со нови санкции. 

Сѐ досега, Украина и Западот ја обвинуваа Москва за поддршка на сепаратистите, но Русија го негираше тоа и тврдеше дека Русите кои се борат таму се доброволци.

Руските државни медиуми објавуваат снимки од славје во сепаратистичките региони, каде се свири руската химна и се веат руски знамиња.