Путин му даде поддршка на Трамп за импичментот
19 декември 2019Владимир Путин се сомнева дека човечкиот фактор е причина за глобалното затоплување. „Никој не го знае потеклото на глобалните климатски промени“, вели рускиот претседател.
„Знаме дека во историјата на Земјата имало периоди на затоплување и ладење и тоа може да зависи и од процесите во вселената. И најмал агол во оската на ротацијата на Земјата или нејзината орбита околу Сонцето може да донесе сериозни климатски промени“, рече Путин.
Наспроти ваквите ставови, стотици водечки светски научници понудија огромни бази на податоци кои укажуваат дека човечкиот фактор предизвикува нестабилност во климатскиот систем на Земјата и бараат намалување на емисиите на штетни гасови.
Путин денеска се заложи и за продолжување на СТАРТ договорот за ограничување на стратешкото вооружување со САД, но рече дека се уште нема повратен одговор од Вашингтон.
„Доколку утре ни испратат писмо- подготвени сме да го потпишеме и да го вратиме во Вашингтон. Но досега немало одговор на ниту една наша сугестија. Без нов СТАРТ договор ништо не може да спречи нова трка во вооружување. А тоа, според мене, е лошо“.
САД и Русија имаат време до 5 февруари 2021 година да го продолжат договорот.
„Фабрикувани“ причини за импичмент на Трамп
Путин ја коментираше и процедурата за отповикување на американскиот претседател Доналд Трамп, кој е обвинет за злоупотреба на функцијата преку вршење притисок врз украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Процесот треба да мине низ Сенатот каде Републиканците имаат мнозинство. Не е веројатно дека тие ќе сакаат да тргнат од власт претседател од нивната партија врз база на, според мене, фабрикувани причини“.
Рускиот претседател е категоричен дека мирот во источна Украина може да се постигне само со почитување на Договорот од Минск. Во спротивно, рече Путин, состојбата таму може да биде доведена до „целосен ќорсокак“.
На прес-конференцијата на која беа акредитирани повеќе од 1.800 новинари, Путин најави и дека не планира да иницира промени на Уставот, што би можело да се толкува и како одлука да и стави крај на политичката кариера на крајот на претседателскиот мандат во 2024 година.