1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Путин: „Не сакаме поделба на Украина“

Александар Методијев/ројтерс/афп/ап18 март 2014

Рускиот претседател Владимир Путин и двајца кримски лидери денеска потпишаа договор за пристапување на украинскиот полуостров Крим кон Русија. Потпишувањето на договорот дојде два дена по референдумот за отцепување.

https://p.dw.com/p/1BRUI
Фотографија: Reuters

Договорот за присоединување на Крим кон Русија беше потпишан во Кремљ од страна на рускиот претседател Владимир Путин, кримскиот премиер Сергеј Аксјонов и претседателот на кримскиот парламент Владимир Константинов. Путин во обраќањето до нацијата по потпишувањето на договорот истакна дека референдумот на Крим е исправање на историска неправда.

На церемонијата во Кремљ присуствуваа претставници на двата дома на рускиот Парламент. За присоединувањето на Крим кон Руската Федерација одобрение треба да дадат двата дома на рускиот Парламент, преку ратификација на договорот, како и рускиот Уставен суд. Парламентарците по потпишувањето на договорот на денешната церемонија аплаудираа и честитаа за отцепувањето на Крим. Овие чекори за стапување во сила на договорот се сметаат за формалност.

Putin spricht vor Parlament im Kreml zur Lage in der Ukraine 18.03.2014
На церемонијата во Кремљ присуствуваа пратеници од двата дома на рускиот ПарламентФотографија: Reuters

Рускиот претседател Путин го обвини Западот за поттикнување немири во Украина со цел да се прекинат историските врски на земјата со Русија. Путин смета дека Западот направил заговор за земање на Украина во својата сфера на влијание. Тој ги отфрли критиките на Западот дека референдумот на Крим е нелегален. Според Путин, гласањето на Крим во неделата е во согласност со меѓународното право и го одразува правото на самоопределување. Како пример за тоа тој ја посочи независноста на Косово од Србија, која беше поддржана од Западот, а на која се противеше Русија.

Во говорот во парламентот Путин рече и дека правата на етничките Руси биле нарушени од страна на новата украинска влада. Путин изјави дека неговата нација не сака да навлезе во други региони во Украина, додавајќи: „Ние не сакаме поделба на Украина“.

Во однос на испратената војска, Путин рече дека тоа било направено во согласност со договор со Украина, кој и’ дозволува на Русија да има до 25.000 трупи во базата во Крим на Црното Море.