1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Путин од Мојковац“ на чело на црногорската влада

Јелена Кулиџан
29 ноември 2016

Црна Гора доби нова влада. Црногорците ќе треба да се навикнат дека до функцијата премиер не стои презимето Ѓукановиќ, но и на новите лица во владата

https://p.dw.com/p/2TRil
Montenegro Premierminister Dusko Markovic
Фотографија: Getty Images/AFP/S. Prelevic

Речиси еден и пол месец по изборите, Црна Гора доби нова влада. Седумнаесет министри и тројца потпретседатели положија заклетва во парламентот предводени од новиот премиер Душко Марковиќ. Покрај социјалдемократот Иван Брајовиќ, кој претходно беше избран за претседател на парламентот, во владата влегоа и партиите на Бошњаците, Хрватите и Албанците. Во врвот на извршната власт место најдоа само двајца членови на Демократската партија на социјалистите (ДПС) од стариот состав.
„Новата влада во кадровска смисла претставува дисконтинуитет во однос на претходната, бидејќи се сменети 80 отсто од министрите на ДПС. Новиот премиер се откажа од контроверзните кадри од својата партија“, вели Радомир Крачковиќ, уредник во телевизијата Вијести.

Нов имиџ

Освен што Црногорците ќе треба да се навикнат дека до функцијата премиер не стои презимето Ѓукановиќ, ќе потрае и нивното навикнување на новите, на пошироката јавност помалку познати лица во Владата. „Марковиќ успеа да привлече неколку многу угледни поединци кои не се партиски војници, што на владата ќе и даде нов имиџ“, вели програмскиот директор на невладината организација „Граѓанска алијанса“, Борис Раониќ.

„Марковиќ сака на јавноста да и покаже дека е независен од Ѓукановиќ и дека неговата влада остава нешто зад себе. Поради тоа, веднаш на стартот сака да прикаже дека се работи за експертска и техничка влада која ќе донесе резултати“, дополнува Крачковиќ.

„Путин од Мојковац“

Montenegro Premierminister Dusko Markovic
Новиот црногорски премиер Душко МарковиќФотографија: Getty Images/AFP/S. Prelevic

Душко Марковиќ е роден во Мојковац, а политичката кариера ја почнал во општинските органи, а во почетокот на 90те години е избран за секретар на Владата. Од 2005 година е шеф на Агенцијата за национална безбедност, а потоа Ѓукановиќ го именува за министер за правда и вицепремиер. Црногорските медиуми го нарекоа „Путин од Мојковац“ предвидувајќи дека ќе владее со цврста рака. Уште првиот ден, новиот премиер ги потврди тие претпоставки: „Очекувам брзи резултати. Првата проверка на успешноста на секој министер ќе биде точно за една година. Оној кој во тој рок ќе ги заврши задачите, ќе го продолжи својот мандат“, порача Марковиќ во текот на своето експозе.
Борис Раониќ смета дека ваквиот стил на владеење само ќе ја влоши и онака тешката состојба.
„Уште првиот ден беа испратени сили, авторитарни пораки. Притоа, не е вообичаено медиумите да не можат да добијат изјава од ниту еден нов министер“, вели Раониќ.

Под будното око на Ѓукановиќ

Досегашниот премиер Мило Ѓукановиќ, изборот на новата влада го следеше од парламентарната клуша. Нашите соговорници веруваат дека и оваа влада ќе ја набљудува со „будно око“.
„Веројатно е дека Марковиќ сака да изгради свој автентичен стил на владеење, но сметам дека најкрупните одлуки во државата и натаму нема да можат да се донесуваат без Ѓукановиќ. Можно е за четири години повторно да се појави како 'спасител' и да се врати на чело на Владата или можеби и порано- за една и пол година, како претседателски кандидат на ДПС“, вели Крачковиќ.
Ова е трето повлекување на Ѓукановиќ од државната политика, при што секој пат ја задржуваше позицијата претседател на Демократската партија на социјалистите.