Радев не дозволува легитимација на „македонизмот“ во ЕУ
16 мај 2022Бугарскиот претседател Румен Радев од Берлин уште еднаш сигнализираше дека нема намера да отстапи од ветото за Северна Македонија во ЕУ. По средбите со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер и канцеларот Олаф Шолц во Берлин во понеделникот, Радев на брифинг со бугарските новинари соопшти дека позицијата на Софија наишла на разбирање од неговите германски соговорници.
„Исклучително сум задоволен од разбирањето на кое наиде аргументираната бугарска позиција во врска со Северна Македонија. Во ситуација кога работиме за заедничката европска позиција и за европските институции не треба да дозволиме нашата национална позиција за Северна Македонија да стане заложник на конфликтот во Украина и оваа тенденција да се засилува", изјави Радев.
Од германска страна немаше изјави по средбите со Радев, ни од претседателот Штајнмајер, ниту од канцеларот Шолц.
Радев порача дека Бугарија „како одговорен член на ЕУ треба да работи на тоа да интегрира партнери, а не проблеми".
„Тоа е во интерес на долгорочната перспектива за стабилноста на ЕУ."
- Радев во Германија: Цивилизацискиот избор на бугарскиот претседател
Во тој контекст, Радев смета дека почетокот на преговорите на Северна Македонија во ЕУ би било напуштање на европските принципи.
„Неверојатно е како, Европа, која се изгради како пример за останатиот свет во однос на демократијата и човековите права, во толерирањето на јазикот на омразата, е подготвена да им сврти грб на тие принципи и вредности.
Не треба да дозволуваме легитимација на македонизмот, на идеологии од поранешна Југославија и Коминтерната, да си најдат место во ЕУ“, порача Радев од Берлин.