1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Разговори за коалиција: До овде и не понатаму?

ЕМФ /агенции
18 октомври 2017

Речиси цел месец по парламентарните избори во Германија, денеска почнуваат разговорите за евентуална Јамајка-коалиција, која би била составена од ЦДУ-ЦСУ, ФДП и Зелените.

https://p.dw.com/p/2m3UM
Berlin Pappaufsteller Angela Merkel in einer Jamaika-Flagge
Фотографија: DW/N. Jolkver

Пред да се седне на разговори, секоја од партиите си го „огради атарот“. Најјасен беше шефот на ФДП, Кристијан Линднер, чија партија игра централна улога за составување на т.н. Јамајка-коалиција (црно-жолто-зелена). Услов за коалиција со Унијата (ЦДУ и ЦСУ) и Зелените е укинување на придонесот за солидарност, рече либералот Линднер, „Јамајка-даночен концепт може да има само ако тоа предвидува крај за придонесот за солидарност, без притоа на луѓето да им бидат извлекувани пари од џебот на поинаков начин“, изјави Линднер, кој важи за кандидат за функцијата министер за финансии. Според него, тоа е важно зашто не се работи само за даночно олеснување, туку и за веродостојност на политиката.

Црно-жолто-зелена коалиција би била можна само ако „во неа се отслика идентитетот на сите партии“, смета шефот на Зелените, Џем Ездемир. За Зелените идентитет значи „екологија, Европа, праведност“. Ездемир за весникот „Велт ам Зонтаг“ оцени дека за да опстои коалицијата е неопходно заедништво: „Коалицијата не смее да биде само збир на одделни партнери“. Владата може да биде успешна само тогаш кога сите партнери ќе се гледаат како победници и кога ќе се во состојба да остварат нешто заеднички. Не смее да има коалиција која ќе се сведе само на „најмал заеднички именител“, уверен е Ездемир.

Министерот за внатрешни работи Томас де Мезие, кој ќе учествува на сондирачките разговори во име на Унијата, се спротивставува решително на поставување црвени линии уште пред почетокот на разговорите. На прашањето за што би можело да се преговара во делот на политиката за азил и доселување, која е едно од централните прашања во преговорите, тој за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ одговори: „Тоа сигурно нема да ви го кажам однапред, за такво нешто сум предолго во овој бизнис.“

Illustration Jamaika-Koalition
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Rumpenhorst

Колку брзо би можела да се состави влада од ЦДУ-ЦСУ, ФДП и Зелените? Заменикот шеф на либералите, Волфганг Кубики е скептичен. Тој не очекува ваква владина коалиција годинава. „Тоа и чисто технички не е можно“, изјави тој, укажувајќи на времето кое на партиите им е потребно за усогласување на ставовите.