1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Разговорите меѓу СДСМ и ДУИ се ближат кон финиш?

17 февруари 2017

До крајот на неделава се очекува да се добие појасна слика дали и во која мера постои согласност и совпаѓање на партиско-програмските платформи, за кои деновиве се водат разговори меѓу тимовите на ДУИ и СДСМ.

https://p.dw.com/p/2Xjy4
SDSM Parteizentrale, Skopje, Mazedonien
Одговорот од СДСМ на забелешките „Интегративците“ го чекаат до крајот на неделаваФотографија: MAKFAX

Со претпазливост и умерен оптимизам извори од двете партии најавуваат дека деновиве е можно финиширање на првата фаза од разговорите меѓу СДСМ и ДУИ. Станува збор за фаза во која се хармонизираат политичките ставови за реформите препорачани во Извештајот на Прибе, мандатот на СЈО и реализацијата на Охридскиот договор, особено во делот на употребата на албанскиот јазик. Според партиски извори, ДУИ вчера попладне му го доставила на СДСМ мислењето за предлог законот за употребата на албанскиот јазик, а неофицијално, одговорот на забелешките ќе го чека до крајот на неделава. Ако партиите ги усогласат ставовите по тоа и други прашања, се очекува Ахмети потоа да го свика Централното претседателство за да се донесе одлука пратениците на ДУИ да ги дадат потписите, со што би се обезбедило мнозинство врз чија основа СДСМ треба да добие мандат за формирање влада. Потоа би почнал да тече и уставниот рок од 20 дена за состав на влада, во кој партиите треба да детализираат и усогласат и други прашања, меѓу кои и поделбата на ресори и утврдувањето на роковите во кои треба да се реализираат договорените програмски определби.

Не се произведуваат атомски бомби

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и Зијадин Села од Алијансата за Албанците, завчера имаа средба на која разговарале за точките од Декларацијата на албанските партии и предлозите од СДСМ. Забелешките кои биле нотирани на тој состанок, подоцна биле предмет на поширока дебата на ниво на уставни експерти, ангажирани во согласност на двете страни. Со експертска помош била подготвена верзија на закон за употреба на албанскиот јазик, кој вчера бил доставен во СДСМ. Партиите во оваа фаза од разговорите се внимателни и не откриваат детали ниту за содржината на предлозите, ниту за роковите во кои може да се очекува одлука. Лидерот на ДУИ вчера повтори дека неговата партија нема да брза при донесувањето на одлуката.

Mazedonien Demokratische Union für Integration - Ali Ahmeti
Ахмети повтори дека ДУИ нема да брза при донесување на одлуката за коалицијаФотографија: DW/P. Stojanovski

„Се анализираат сите работи. Мислам дека во иднина ќе има конкретен одговор. Ова се прашања кои се разговараат во рамките на партијата, но јас ве уверувам дека таму не се произведуваат атомски бомби. Се разбира дека се дискутира за важни прашања во врска со политичкиот и правниот статус на Албанците во Македонија. Ние зборуваме и со другите политички партии затоа што треба да формираме заедничко мислење. Со господинот Села се сретнав и разменивме мислења“, изјави Ахмети.

Оваа размена и усогласување на предлози меѓу ДУИ и СДСМ се одвива во период кога ВМРО-ДПМНЕ продолжува да ја нагласува опасноста од игнорирање на волјата на мнозинството, а нејзини функционери последниве два дена изјавуваат дека „не преговараат со ДУИ, но комуницираат, и не сакаат да се откажат од битката за формирање влада, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ за тоа има легитимитет, право и обврска кон граѓаните кои гласале за партијата“.

Сето ова фокусот го насочува кон ДУИ, особено кај оние што сметаат дека на партијата ѝ пратиле јасна изборна порака дека бараат промени, а агенсот на тие промени не го гледаат во нова коалиција меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ. Како израз на таа определба, голем дел од гласовите на албанскиот електорат на изборите завршија кај СДСМ. Последната анкета на „М-Проспект“ покажа дека тој тренд не завршил со изборниот ден и дека СДСМ и постизборно останува преферирана партија меѓу Албанците. На прашањето „доколку утре се одржат парламентарни избори за која партија би гласале“, 20,4 отсто од анкетираните Албанци одговориле дека би гласале за СДСМ. За „Беса“ би гласале 15 отсто, за ДУИ 14 отсто, за ДПА 10 отсто и за Алијансата за Албанците 6 отсто.

Храбар чекор на Албанците

Според аналитичарите, ваквите резултати треба да бидат клучен аларм за „треторангираната“ ДУИ, во однос на нејзините идни одлуки и политики. Во анализите, главното прашање и натаму е дали станува збор за нов феномен во албанскиот електорат - авангарден почеток на отстапување на етничкото пред граѓанското, некаква „авантура“ или како што тоа го доживеаја во некои албански партии - „предавство на националната кауза“?

Според професорот Артан Садику, албанскиот глас за македонска партија може да се чита како политички виталитет и политичко освестување, кое во клучни историски моменти знае како да ја ориентира својата поддршка.

„Треба да се чита како глас за промена или како одговор кон менталитетот на досегашното владеење. Овие гласови не можеме директно да ги толкуваме како израз на алтруизам или како моментално враќање кон либералните идеи, туку како израз на самовиталитет. Овој виталитет со текот на времето неопходно ќе создаде свои услови каде ќе преговара за полиберални принципи. Се работи за феномен кој требаше да почне од некоја страна. Овој нов однос внатре во системот требаше да дојде како резултат на похрабар чекор, на храброст - која Албанците ја покажаа во овој случај. Сега Албанците ја фрлија топката кај македонските политички партии, особено кај едната од двете главни партии, кои по некое време оваа структурална промена треба да ја кодифицираат внатре во системот. Тоа е позитивна политичка промена која понатаму ќе донесе и системски промени“, вели Садику. 

Според него, волјата на тие гласачи не треба да биде запоставена и тие не треба да се третираат како „авантуристи“ или „предавници на националната кауза“, туку како напредни во размислувањето за политичките услови во Македонија и како потенцијал кој во иднина може да биде многу корисен и позитивен.