Опозицијата купува време за ново мнозинство
11 ноември 2021Собраниската седница за гласање доверба на Владата никако да започне, поради немање кворум. Иако беше закажана за во 11 часот, таа неколкупати се одложува со паузи, на барање на опозицијата. Последното барање за едночасовна пауза го упати лидерот на Левица, Димитар Апасиев, повикувајќи се на член 60 и член 61 од Деловникот.
„Барам еден час пауза да дојде претседателот и да продолжи ја води седницата затоа што не се исполнети деловничките услови тој да отсуствува од истата“, порача Апасиев. Тој го повика собранискиот спикер Талат Џафери да се врати и да присуствува на Седницата, која што ја напушти само неколку минути по нејзиното започнување. Џафери рече дека не ја поддржува иницијативата за гласање доверба на Владата и предложи седницата да ја води потпретседателот на Собранието, Фадиљ Зендели од Беса. Во салата не присуствуваат пратениците од досегашното мнозинство, предводено од СДСМ и ДУИ.
Раздвижено во Собранието
Опозицискиот фронт се обидува да го надополни отсуството на пратеникот од БЕСА, Кастриот Реџепи, за да имаат мнозинство од 61 пратеник.
„Јако еј! Киднапирале пратеник мислејќи дека така нема да паднат!?#МафијаVsПратеници“, објави Димитар Апасиев од Левица на својот фејсбук профил откако на собраниската седница за гласање на недоверба на Владата се дозна дека го нема пратеникот на Беса Кастриот Реџепи.
Реџепи не дојде во Собранието, но испрати порака преку социјалните мрежи. Тој на својот Фејсбук профил објави дека одлучил да не учествува на собраниската седница за гласање на доверба на Владата. „На државата во овој значаен период не и треба политичка криза и потопување во турбулентни води полни со непознати“, вели Реџепи.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски пристигна во Собранието веднаш по информацијата дека не може да се обезбеди кворум. Мицкоски вели дека бил на часови и информацијата ја чул на факултет, па дошол да се информира за случувањата. На прашање од новинарите дали ќе се најде друг пратеник на местото на Кастриот Реџепи кој се премисли, Мицкоски само го спореди пратеникот со Амди Бајрам. „За современиот, нека му е лесна земја, Амди Бајрам?“, рече Мицкоски.
По лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, во Собранието дојде и претседателот на Беса, Билал Касами, кој е градоначалник на Тетово. „И јас немам информации што точно се случува“, рече Касами. Запрашан дали е изненаден од потегот на неговиот сопартиец, пратеникот Кастриот Реџепи, Касами рече „Не, од ништо не сум изненаден“.
Политичкото патување на Беса
Реагираше и секретарот на Движењето Беса, Аријанит Хоџа. „Врвот на опасноста на демократијата се достигнува кога преку недемократски форми, дури и на пратениците им се оневозможува слободното изразување на волјата“, објави тој на Фејсбук.
Според Хоџа, заканата, уцената или другите форми на влијание се показател за инсталирање режим кој е ставен над волјата на народот. „И покрај се, Движењето Беса ја продолжува војната. Одиме по нашиот свет пат за да го победиме злото!“, пишува Хоџа и додава дека секој поединечно ќе одговара за своите постапки, додека Движењето Беса „продолжува со политичкото патување“, додава тој, посочувајќи дека соработката на опозицијата со Алијансата за Албанците и Алтернатива „ќе продолжи до последното уривање на овој режим“.
Game over или Game change
Опозицијата и власта во меѓувреме ја продолжија битката и на социјалните мрежи - едните споделуваа пораки Game over (Крај на играта), а другите им возратија со Game change или Промена на играта.
Генералниот секретар во Владата, Мухамед Зекири на својот Фејсбук напиша, Game change, откако на собраниската седница на која треба да се гласа недоверба на владата беше соопштено дека фали еден пратеник за кворум. Ова е пораката која што се повлекуваше низ целата кампања на СДСМ за време на локалните избори, а ја испрати лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев на митингот во Скопје, кога најавуваше промени во партијата.
Собраниската седница започна со присуство на 60 пратеници. За ново собраниско мнозинство потребни се 61 глас.
Пратеникот Зекир Рамчиловиќ, вели дека што и да се случи денес, тоа ќе биде демократија и на тоа треба да се навикнеме. „Сите оние кои ќе гласаат така како што сакаат нема никој да им стои пред куќите да ги напаѓа преку социјалните медумите.Јас секако дека ќе гласам за доверба на Владата и премиерот Заев“, порача Рамчиловиќ.