1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија длабоко поделена за односите со Русија

Кристофер Неринг
5 март 2022

Бугарија традиционално има добри односи со Русија. Војната во Украина е клучен тест за земјата. Во првата недела од војната Бугарија загуби министер и генерал. Јавноста е поделена.

https://p.dw.com/p/482UM
Bulgarien Demonstration vor dem Denkmal der Sowjetischen Armee in Sofia
Фотографија: Momtschil Karapouzanow

Бугарија на 3 март го прослави „Денот на ослободувањето“, крајот на отоманското владеење по Руско-отоманската војна од 1877-78 година. Тоа е израз на историски блиски врски меѓу Бугарија и Русија.

Кога руската амбасадорка Елеонора Митрофанова на 2 март положи венец на „Споменикот на слободата“ во чест на жртвите од бугарската независност, во главниот град Софија се ставаа  лисици. Бугарски генерал беше уапсен за шпионажа во корист на Русија. Само еден ден претходно премиерот Кирил Петков го отпушти министерот за одбрана поради проруски изјави. 

Заминување на министерот за одбрана 

„Ниту еден министер нема право да води своја надворешна политика преку Фејсбук, ниту еден министер не може да биде товар за коалициската влада и ниту еден министер не може да ги нарече настаните во Украина поинаку освен 'војна'“, рече бугарскиот премиер Кирил Петков во вторникот (1 март), најавувајќи ја смената на министерот за одбрана Стефан Јанев. 

За време на викендот, тој на Фејсбук ја опиша руската агресија против Украина како „операција“, експлицитно повикувајќи се на Владимир Путин. Јанев уште во декември се огласи, исто така на Фејсбук, против стационирањето на НАТО трупи во Бугарија, а во јануари од парламентарната галерија предупреди  на „странски печат“ којшто му штети на „националниот интерес“ на Бугарија во конфликтот околу Украина. 

Eleonora Mitofanowa Botschafterin Russlands in BulgarienBotschafterin Russlands in Bulgarien Eleonora MitofanowaBotschafterin Russlands in Bulgarien Eleonora Mitofanowa
Елеонора Митофанова, амбасадорката на Русија во БугаријаФотографија: Außenministerium der Russischen Föderation

Неговото заминување покажува внатрешни поделби во владата, која стапи на функција дури во декември. Од нападот на Русија врз Украина, на Петков му е сè потешко да ги намали тензиите меѓу проруските социјалисти и прозападните реформисти. Затоа, во последен момент мораше да го замени Тодор Тагарев, неговиот омилен кандидат за нов министер, со Драгомир Заков, кој беше прифатлив за социјалистите. 

Потенцијал да се разнесе новата влада  

Во меѓувреме, социјалистите во Бугарија и во парламентот на ЕУ гласаа против санкциите против Русија и забраната за пропагандните канали РТ и Спутник. 

Bulgarien Kornelija Ninowa und Kiril Petkow
Кирил Петков и Корнелија НиноваФотографија: BGNES

„Социјалистите во својата реторика ја осудуваат руската инвазија на Украина, но се противат и на санкциите и воената помош за Киев. Нивната проруска ориентација ги издвојува од другите владејачки партии“, вели за ДВ д-р Румена Филипова, директор на Институтот за глобална анализа во Софија. 

„Овој конфликт има потенцијал да ја разнесе владата“, продолжи Филипова.

Отпорот кон трансатлантскиот курс на владата на Петков доаѓа и од ултранационалистичката партија Препород: „Нивните екстремни ставови за укинување на сите мерки за Ковид, блокадата на пристапот на Северна Македонија во ЕУ и нивниот проруски став се широко прифатени во општеството. Со тоа вршат притисок врз власта да направи отстапки пред нив“. 

Бугарски генерал - руски шпион 

Новиот министер за одбрана едвај положи заклетва кога следниот скандал предизвика конфузија во средата наутро (2 март). Бугарскиот генерал кој, според постојаните извештаи на медиумите - Валентин Цанков, резервен генерал и заменик-претседател на Здружението на бугарската армија - е уапсен поради шпионирање за Русија. 

Бугарското Министерство за надворешни работи го повика рускиот амбасадор и најави протерување на двајца руски дипломати. Како и пред една година, кога бугарските безбедносни власти открија шпионски синџир во бугарското Министерство за одбрана и воената тајна служба, и сега се наведува дека контактите на бугарскиот шпион се агенти маскирани како дипломати во руската амбасада. 

Bulgarien Rumena Filipowa Direktorin Institute Global Analysis
Румена ФилиповаФотографија: Rumena Filipowa

Генералот Цанков не е непознат: тој беше отповикан од Вашингтон во 2011 година како воено аташе откако бугарската Комисија за документацијата на тајните служби откри дека работел за комунистичката воена разузнавачка служба во 1980-тите и дека бил обучен во Москва. 

Доколку се точни обвинувањата против Цанков, кој е обвинет за шпионирање за Русија од 2016 година, овој случај би бил дополнителен доказ за континуираната инфилтрација на Русија во бугарските безбедносни агенции - уште од Студената војна. 

„Делови од бугарската армија и генерали често иритираа со нивните проруски изјави, а нивната лојалност кон НАТО е секако под знак прашалник“, вели Румена Филипова. 

Дали јавното мислење се менува? 

Во Бугарија не се проруски ориентирани само социјалистите, националистите и безбедносниот апарат. И меѓу населенето има големи симпатии кон Русија и Владимир Путин.

Според истражувањето на Институтот за истражување на јавното мислење Алфа, на почетокот на 2022 година, околу 50 отсто од бугарското население имало позитивно мислење за Путин. На почетокот на февруари, додека се наближуваше војната, само 40 отсто го сметаа за позитивно членството на Бугарија во НАТО, а само 28 отсто го поддржаа поголемото учество на земјата во НАТО.

Но, рускиот напад врз Украина се чини дека го менува мислењето на луѓето: четири дена по рускиот напад, рејтингот на Путин падна на (се уште неверојатни) 32 отсто. „Војната драстично го менува јавното мислење“, вели Алфа Рисрч. 

Споменик на Црвената армија во боите на Украина 

Во исто време, повторно се разгоре стариот, многу симболичен спор за споменикот на Советската армија во центарот на Софија. 

За руските симпатизери, тоа е симбол на ослободување од фашизмот, додека прозападните Бугари го гледаат како симбол на советското угнетување. Преместувањето беше планирано од 1993 година, но беше одложувано неколку пати, не само благодарение на многубројните застапници. 

Овде се одржаа проукраински демонстрации во првиот викенд по почетокот на војната во Украина. Демонстрантите со спреј го обоија релјефот на споменикот во украинските национални бои и напишаа натписи како „Слава на Украина!“ и „Путлер - излези од Украина!“.

Bulgarien Graffiti Denkmal der Sowjetischen Armee in Sofia
Демонстрантите со спреј го обоија релјефот на споменикот во украинските национални боиФотографија: Anonym

Тројца демонстранти кои испрскаа со боја „Да ја спасиме Украина“ беа уапсени, соопшти во средата бугарскиот министер за внатрешни работи Бојко Рашков. Постапувањето на полицијата, која тројцата малолетници ги држела во текот на ноќта, а притоа не ги известиле нивните родители ниту адвокати, го опиша како „вознемирувачко“ и „неподносливо“.

Руската инвазија на Украина ја чинеше Бугарија министер и генерал само во првата недела од војната. Целосниот опсег на поделбата на земјата сега излегува на виделина: на 3 март 2022 година, односите со Русија се поамбивалентни од кога било.