1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рамковниот - охридска успешна приказна?!

13 август 2011

Охридскиот рамковен договор е темел за мирот и демократијата и патоказ за Македонија до ЕУ. Ова е главниот заклучок на учесниците на Конференцијата во Охрид посветена на десет годишнината од потпишувањето на Договорот.

https://p.dw.com/p/12G3v
Конференција во Охрид - 10 години Охридски договорФотографија: MIA

Вториот ден од конференцијата посветана на десет годишнината од потпишувањето на Рамковниот догoвор, преку кого Македонија го надмина внатрешниот оружен конфликт, продлжи со панел дискусии посветени на евалуцијата и идните чекори и очекувања од спроведувањето и оддржувањето на овој документ во живот.

Охридскиот рамковен договор е успешна приказна рече Никола Попоски министер за надворешни работи на Република Македонија.

Nikola Poposki Außenminister Mazedonien
Министерот за надворешни работи Никола ПопскиФотографија: Petr Stojanovski

„Од него произлегуваат четири клучни аспекти: Дека сме одбегнале продолжување на територијални солуции за решение на етничките проблеми, сме одбегнале насилство како можност за решение и сме придонеле кон градење на култура на толеранција и меѓусебно разбирање и доверба на многу повиско ниво од пред десет години. Ова може да звучи како идеален свет, но тоа не е така. Се соочуваме со многу неидеалности“.

Пат полн со нови предизвици и ризици

Министерот Попоски ги нотираше и идните предизвици: „Еден од клучните ризици е тезата граѓанскиот концепт да биде заменет со етнички пристап. Тоа бара од нас како демократско општество со промоција на други политики да се свртиме едни кон други, а не едни покрај други. Фокусот да го свртиме од квантитет на квалитет. Правичната застапеност да продолжи особено во буџетски финансираните институции и да обезбедиме систем кој нема да го загрози системот базиран на заслуги. Тешко е да се дојде до баланс и тоа е исклучително тежок предизвик, но убеден сум дека може да се постигне“, рече министерот Попоски.

Патот до ЕУ води преку Рамковниот – потенцираат амбасадорите

„Со Рамковниот договор треба да се горди политичарите кои што ги тргна разликите настрана. Во 2001 ставивте крај на насилството и сте единствени во регионот што направија политички компромис за државен интерес“, истакна Петер Соренсен раководител на Европската делегација во РМ.

Peter Sörensen EU Botschafter Mazedonien
Амбасадорот СоренсенФотографија: MIA

Рамковниот договор и неговото спроведување на еден начин е виза за Македонија за патот кон ЕУ, потенцираше Соренсен. Тој потсети дека во последната анкета на Евробарометар 1,3 милиони граѓани на Македонија се за интеграција на земјата во ЕУ.

„ЕУ е партнер во вашите напори, но вие сте силата која води напред. Целата ваша судбина е во ваши раце. Како што тоа го направивте во 2001 година, кога се соочивте со предизвиците и сега постојат предизвици и се надеваме дека ќе ги разрешите со истата живост и истата храброст“, предочи Соренсен.

Тој ги нотираше точките од кои ќе се гради идната перцепција на Унијата за Македонија. Соренсен побара македонското мултиетничко општество да поработи на промоција на Комисиите за меѓуетнички односи, кои постојат во многу општини, успешно спроведување на пописот презакажан за октомври годинава и потсети на развој на локалното чувство на населението без фаворизирање на едните врз другите во општеството.

Зброви на поддршка за политичките лидери и Владата стигнаа и од амбасадорот на Обединетото кралство во Македонија, Кристофер Ивон.

„Во следните десет години ќе имате можност да го продлабочите спроведувањето на договорот, за тој да стене уште поконкретна реализација на аспирациите на неговите творци“, рече Ивон.

Konferenz 10 Jahre Ohrider Rahmenvertrag
Фотографија: MIA

За одржување во живот на Рамковниот, според Ивон, клучен аспект е градењето на доверба меѓу младите во образовниот процес, зашто тие во иднина ќе треба да го градат патот на соживотот.

Рамковниот договор останува темел за мир и демократски развој на Македонија на патот кон ЕУ, подвлече Ралф Брет, раководител на мисијата ОБСЕ во РМ.

„Рамковниот договор не е конечен договор, што ги опфаќа сите етнички односи еднаш засекогаш, туку дава рамки за осврт на основните правни и институционални прашања и механизам на алатки за почитување на етнички прашања. Другото е задача која се’ уште и’ престои на оваа земја“, рече Брет.

Рамковниот ја носи во себе симболиката на Крушевската република

Охридскиот рамковен договор е едно симболично претендирање да се достигнат пораките на Крушевскта република, рече на затворањето на Конференцијата посветена на 10 годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор во Охрид, вицепремиерот во Владата на РМ Муса Џафери. Според него содржината на договорот не треба да се третира радикално, како политичка формула за поделба на власта меѓу двата мнозински етникуми – македонскиот и албанскиот, туку како придобивка за сите во Македонија.

Musa Dzaferi Vize Premierminister Mazedonien
Муса Џафери, вицпремиерФотографија: Sveto Toevski

Џафери најави дека на 5 септември во Скопје ќе се одржи уште една конференција, но од помал формат, за како што рече на неа да можат да учествуваат и други личности, меѓу кои и дел од потписниците на Рамковниот договор. Во тој дух, заклучи Џафери, заедно ќе ги одбележиме двата јубилеја – Десет години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор и Дваесет години од независноста на Република Македонија. Убеден сум дека и тогаш ќе провејуваат аспирациите за забрзување на реформите за евроатланска интеграција на нашата земја.

Конференцијата завршува вечерва со прием, кој за учесниците ќе го приреди Муса Џафери, вицепремиер на Владата на Република Македонија.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Александра Трајковска