1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Расте интересот во Европа за Спутник V

СН/агенции
31 март 2021

Австрија води разговори за набавка на еден милион дози од руската вакцина, Меркел и Макрон пак искажале интерес за неа на видео-конференција со Путин. Спутник V сѐ уште нема добиено одобрение за употреба од ЕМА.

https://p.dw.com/p/3rR00
Iran Teheran Coronavirus Impfstoff Sputnik-V
Фотографија: Saeed Kaari/dpa/AP/picture alliance

Австрија, во борбата против пандемијата на коронавирусот, е сѐ поблизу до склучување договор за набавка на руски вакцини Спутник V.

На ова укажува денешното соопштение на австрискиот канцелар Себастијан Курц на социјалните мрежи. „Со милион дози Спутник V, би можеле порано да се вратиме во нормала“, напиша австрискиот канцелар на својот Фејсбук профил.

Иако Европската агенција за лекови (ЕМА) сè уште не ја одобрила руската вакцина за коронавирус, Австрија очигледно одлучи да започне билатерална набавка.

Курц претходно рече дека единственото нешто што треба да биде важно во оваа борба е вакцината да биде ефикасна и безбедна, а не од каде доаѓа.

Според раководството во Москва, руската вакцина за коронавирусот Спутник V би можела да помогне во вакцинациите во Европа.  И токму оваа вакцина беше и во фокусот и на видео-конференцијата на лидерите на Франција, Емануел Макрон и на Германија, Ангела Меркел со рускиот претседател Владимир Путин.

Повеќе:

-Спутник V наскоро и во ЕУ?

-Русија во офанзива со вакцината Спутник V

-Русија има уште две вакцини– што се знае досега за нив?

Кремљ пренесе оти тројцата лидери разговарале  за изгледите за регистирање на руската вакцина против коронавирусот Спутник V во ЕУ и за можностите за нејзина испорака и заедничко производство во земјите во ЕУ.

Кабинетите на Ангела Меркел и на Емануел Макрон во своите синоќешни соопштенија пренесоа дека тројцата лидери разговарале за можностите за соработка во „секторот на вакцини“ со оглед на проценката на Спутник V во Европската агенција за лекови која се спроведува според истите стандарди кои важат за другите вакцини.

Weltspiegel 31.03.2021 | Sputnik-Gespräche Merkel Macron Putin
Фотографија: Jacques Witt/ABACAPRESS/picture alliance

ЕМА во почетокот на март започна со анализа на вакцината Спутник V. Русија активно ја продава нејзината вакцина против Ковид-19 Спутник V во странство, покрај бавното темпо на испорака дома, и некои во ЕУ извозот го гледаат како обид за постигнување геополитички поени. 

Но по бавниот почеток на кампањата за вакцинација на ЕУ,  со што Унијата каска за други земји како Велика Британија, некои земји членки и региони веќе купија или размислуваат да купат руски или кинески вакцини.

Две земји на ЕУ, Унгарија и Словачка, досега купија дози на Спутник V, иако само Унгарија започна да ги користи. Во Словачка ова прашање е толку контроверзно што предизвика политичка криза.  И италијанскиот регион Кампанија потпиша договор за купување на вакцината, но само по одобрување од ЕМА.