Растурање на мрежата на Навални
10 јуни 2021Руското правосудство ги означи како „екстремистички“ организациите на опозиционерот Алексеј Навални. Со ваквата одлука веднаш стапи во сила и конечна забрана за регионалната политичка мрежа на Навални и антикорупциската фондација ФБК, соопшти судот во Москва по дванаесетчасовното сослушување во средата.
Во Русија неодамна стапи во сила закон за забрана за излегување на избори на членови на организации класифицирани како „екстремистички“
Оваа мерка ќе овозможи и засилена репресија врз неговите симпатизери пред парламентарните избори закажани во септември.
„Препознаено е дека овие организации не само што доброволно ширеа информации кои поттикнуваат на омраза и на непријателство кон претставниците на власта, туку сториле и екстремистички злосторства и престапи“, наведе судот во Москва.
Повеќе:
-Исчезна поранешниот лекар на Навални
-ОН: Русија стои зад атентатот врз Навални
Навални реагираше веднаш и рече оти нема да отстапи.„Ќе се снајдеме, ќе еволуираме, ќе се прилагодиме. Но, нема да отстапиме од своите цели и од своите идеи. Ова е наша земја и немаме друга“, напиша Навални на Инстаграм.
Неговите адвокати веднаш најавија жалба на судската пресуда. Неговите приврзаници, пак, го критикуваа процесот како политички мотивиран. Приврзаниците на Навални се жалат дека судството сака да ја парализира борбата против корупцијата и уличните протести пред изборите.
Навални во моментов издржува затворска казна од две и пол години. Противникот на рускиот претседател Владимир Путин беше уапсен на 17 јануари по враќањето во Русија од Германија каде со месеци се опоравуваше од труењето со нервен агенс.