1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Расчистување на азил-скандалот без хистерија

24 мај 2018

Ништо не ги растревожува толку на Германците како прашањата за доселување и азил. Затоа скандалот во Сојузната служба за миграција и бегалци се случи во незгодно време, сета Јенс Турау

https://p.dw.com/p/2yFQf
Deutschland Bundesamt für Migration und Flüchtlinge
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Karmann

Најновите бројки звучат така како состојбата полека да се смирува. Пред две години одобрени се околу 62% од севкупниот број барања за азил во Германија, додека во првите месеци од изминатата година одобрени се само 32%. Тогаш пред две години, властите беа преплавени со голем број бегалци. Сега имаат повеќе персонал и затоа процесирањето на барањата оди поефикасно и појасно.

Подарок за сите десни популисти

Сега пак земјата е преплавена со извештаи за огромни пропусти и проблематични одлуки во некои од канцелариите за миграција, пред се ( и тоа таму веројатно со криминална заднина) во Бремен. Поедноставно кажано: таму биле одобрени многу повеќе барања за азил отколку во останатите места. Една раководителка на канцеларија за миграција ги изманипулирала и прекршила правилата поставувајќи нови процедури кои воопшто не спаѓаат под нејзина надлежност. Резултатот е дека речиси сите барања за азил се одобрени. Врв на сето тоа е дека веројатно канцеларијата за миграција во ханзеатскиот град очигледно прогледала низ прсти и одобрила повеќе барања и поради тоа што биле преоптоварени со работа. Подоцна биле направени обиди да се прикрие обемот на одобрени барања. Одличен подарок за сите десни-популисти и ксенофоби во земјата.

Повеќе:

-Дали во Германија се добивал азил за илјада евра?!

-Фрлени пари за бегалски домови во Германија?

-До азил со помош на лажни татковци

Thurau Jens Kommentarbild App
Јенс Турау, автор на коментарот

Секако дека во една служба која низ земјата има повеќе илјади вработени распоредени во над стотина оддели може да се случат грешки, особено кога одеднаш ќе им се зголеми обемот на работа и ќе добијат наплив на барања како во есента 2015 година. Но, во случајот на Сојузното биро за миграција и бегалци се работи нешто посебно: процедурите околу барањата за азил и прашањето кој смее да остане, а кој мора да си замине во очите на луѓето, веќе се многу компликувани и речиси нетранспарентни. Кога граѓаните притоа ќе добијат чуство дека службите несоодветно си ја извршуваат работата тогаш мора да се вклучи алармот. Ако сега на властите во Бремен им се скрати правото да одлучуваат за барања за азил се додека не бидат завршени сите истраги, тоа ќе биде добар показател дека работите се движат во вистинската насока.

Помалку добра е идеата на ФДП и АФД, настаните во Бремен и седиштето на бирото во Нирнберг да бидат под истрага од страна на истражната комисија на Бундестагот. Ова пред се на популистите од АФД им е инструмент со кој ќе се критикува бегалската политика на канцеларката Меркел. На АФД не им е важно ресорните власти да функицонираат подобро туку за нив е најважно да се дискредитира секаков вид на доселување, без разлика дали е со или без барање за азил.

Зехофер во улога на адвокат на бегалците

Новиот министер за внатрешни работи Хорс Зехофер од ЦСУ сега мора да докаже дали може да ја расчисти новата афера без да предизвика дополнителни тензии. Во голем дел во изминативе три години тој тогаш како лидер на ЦСУ и премиер на Баварија беше еден од најсилните критичари на политиката на доселување на канцеларката. Тој пак сега главниот шеф и на Сојузното биро за миграција во кое има и многу чесни и вредни вработени кои сега стравуваат за угледот на нивната служба. Всушност, тој е и адвокат на многуте бегалци кои со право уживаат заштита во Германија, а кои сега поради лошите примери од Бремен може да бидат дискредитирани без никаква вина. Неопходно е итно расчистување на случајот без хистерија и напади врз барателите на азил. Да се надеваме дека тоа ќе се случи брзо.