Рахој бара јасен одговор од Пуџдемон
11 октомври 2017Шпанскиот премиер Маријано Рахој денеска, по седницата на владиниот кабинет, изјави дека не знае како да ја толкува синоќешната постапка на каталонскиот регионален претседател Карлес Пуџдемон - дали тој прогласи независност на Каталонија или не.
Од таа причина, шпанската влада донесла одлука да упати официјално барање за објаснување до регионалното каталонско раководство, изјави Рахој. Разјаснувањето на ова прашање е неопходен предуслов за донесување на натамошни одлуки на владата во Мадрид. Доколку е прогласена официјално независност, тоа би бил недвосмислено противуставен акт, зашто шпанскиот Устав не предвидува отцепување на регионите.
Шпанскиот премиер ги повтори своите закани за интервенција во автономните права на Каталонија. Членот 155 од Уставот на Шпанија нуди можност според која Мадрид може да ја разреши од функцијата регионалната влада на Пуџдемон.
Изјавата на Рахој е дадена по итната вонредна седница на шпанската влада, предизвикана од синоќешната седница на каталонскиот регионален парламент, по која каталонскиот претседател Пуџдемон потпиша декларација за прогласување независност на покраината, но истовремено ја прогласи за суспендирана на неколку седмици. Неговото објаснување беше дека на тој начин сака да иницира дијалог со централната влада во Мадрид.
На референдумот одржан на 1. октомври, мнозинството од Каталонците кои излегоа на гласање, се изјасни за независност на покраината. Мадрид претходно го прогласи референдумот за неуставен.