1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ДУИ ветува решение на проблемот „седи дома-земај плата“

СН/дв
14 септември 2020

Место за прераспределба на Рамковните административци има, но дали и вистинска политичка волја за решение на деценискиот проблем? Експертите очекуваат конечно решение и на сите други проблеми во администрацијата.

https://p.dw.com/p/3iQ9I
Nord-Mazedonien | Gebäude der Regierung in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Реформата на јавната администрација која стартуваше уште со претходниот владин состав, не ги исполни во целост очекувањата, посебно во делот на решавањето на проблемот со оние кои што седат дома, а земаат плата. Бројот на т.н. Рамковни вработени во администрацијата се намали, но само минимално. Сега, жешкиот костен е во рацете на ДУИ, кој во новиот владин состав го доби на менаџирање не само овој дел, туку воопшто целокупната јавна администрација.

СДСМ го почна ДУИ ќе го продолжи процесот

На списокот на министерството за политички систем и односи меѓу заедниците се уште се наоѓаат околу 1300 вработени за кои статусот треба да се реши. Пред две години имаше 1749 рамковни вработени. Вицепремиерот и министер за политички систем Артан Груби најави дека во соработка со Јетон Шаќири, министерот за информатичко општество и администрација, во најкус можен рок ќе обезбедат распоредување на сите вработени во согласност со Охридскиот рамковен договор во државните институции:

„Треба да се најде место во државните институции за 1.300 лица кои се сега вработени во Министерството за политички систем кое го водам. Тоа ќе ни биде приоритет. Ќе ги признаеме факултетските дипломи на сите административци и ќе ги мотивираме да се надградат себе си и својата иднина да ја гледат и да ја градат во нашата земја. Ќе почнеме да ги мониторираме потребите реформи за потполна рамноправност на граѓаните, вклучувајќи ја и неселективната правда преку ветинг, рече тој, додавајќи дека не може да постои една правда за едниот, а друга правда за другиот“, изјави Груби.

Nord-Mazedonien | Artan Grubi | DUI  Generalsekretär
Артан ГрубиФотографија: DW/P. Stojanovski

Политичка волја за решение на проблемот  

Ова не е прв пат јавноста да биде сведок на најави за решение на проблемот со рамковните вработени. Нивното распоредување беше најавено уште пред две години. Сега, кога прашањето повторно се актуелизира, како дел од владината програма, но и договорот Заев-Ахмети, јавноста очекува посериозен пристап. Дел од експертите веруваат дека конечно ова прашање ќе биде симнато од дневен ред:

„Најавата за брзо распоредување на 1300 административци кои седат дома а земаат плата е добра. Добро е што постои и политичка волја за тоа конечно и да се направи и лично очеекувам дека тоа набргу и ќе се стори. Ноторен е фактот дека поединец не може да реши проблем без соработка и поддршка на сите надлежни институции. Оти не може некој да седи дома и да прима плата, тоа е нон сенс, но штом постои политичка волја институциите ќе се активираат и ќе го решат проблемот“, смета универзитетскиот професор Темелко Ристовски.

Повеќе на темата:

-Колку „фантоми“ работат во администрацијата?

-Колку се заштитени административците?

-Јавната администрација куртули, државните функционери одат на минимална плата

Клучно во целиот процес според него е да се обезбеди и соодветен ангажман на овие лица, што ќе обезбеди и квалитет и ќе даде резултати. Јавната администрација вели тој можеби е гломазна, но во неа има и доста простор за прераспределба на кадри. 

Nord-Mazedonien Koalitionsverhandlungen
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Има недостиг од кадри

Дека состојбите се такви, сугерираат и од синдикатот, кој изминатиов период е сериозно посветен на детектирање на можностите за ефикасно справување со предизвикот. Не само со рамковните, туку воопшто со сите во јавниот апарат:

„Решенија има, а има и места кои треба да се земат во предвид. Според сознанијата и разговорите што ги имавме уште со претходниот министер за јавна администрација, во државната управа според систематизацијата и фактичката состојба има недостиг од кадри. И тука може да се реагира и да се надоместува. Во другиот сегмент на јавната управа, таму треба да се бара, но во еден дел има простор да се прераспределат. Доволно е да погледнат во дел од администрацијата и ќе видат, коментира Пецо Грујоски претседател на синдикатот на УПОЗ, која покрива најголем дел од државниот апарат.

Потребен е генерален ремонт

Сепак, седењето дома и земање плата не е единствениот проблем за јавната администрација. Факт е дека е потребен генерален ремонт воопшто на целиот систем, кој можеби не е прегломазен, но е далеку од ефикасен и целосно во функција на граѓаните. Дека работите се далеку од сјајни деновиве посочи и премиерот Зоран Заев кој предупреди дека дел од администрацијата не си ја работела својата работа за која е платена.

„ Не може наутро, одиме на работа, во 8 часот или во 8.30, кафето да го испиеме, весникот да го прочитаме, да искоментираме нешто, и надвор. Забележуваат луѓето, ни кажуваат - администрацијата ви шета, не работи. А најголем дел од парите од буџетот одат за асминистрацијата. Не може така, работното време е 8 часа. Ефикасноста мора да ја зголемиме. Велиме ќе ја достигнеме платата до 34 илјади денари, но таа плата треба да се сработи. Инаку, има огромен врој луѓе кои земаат 40 илјади денари плата, а работат за 80 илјади. Но има гполем процент луѓе кои не си ја сработуваат работата за платата што ја добиваат“, изјави Заев.

Nordmazedonien Wiederwahl Zoran Zaev
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Тој претходно најави дека администрацијата ќе се намали за околу 20% главно преку пренасочување кон приватниот сектор. Во синдикатот се свесни за предизвикот, очекуваат тешка битка, но се надеваат дека целиот процес ќе се одвива согласно строго утврдени критериуми. За ова веќе разговарале уште со претставниците на петходната Влада со која утврдиле и низа критериуми:

„Добро е што некои од работите мрднаа со претходните министри во делот на законската регулатива, а многу е важно што го склучивме и колективниот договор со што завршивме голема работа. Но сега претстои уште доста работа. Факт е дека се најавува 20% намалување, но се надеваме и очекуваме дека каде има потреба ќе има прераспределба, преиспитување, пензионирање, обезбедување на материјална и социјална сигурност. Дали во приватен сектор, со отпремнина или слично. Разговараме и не очекуваме дека ќе има драстично отпуштање. Има разни други начини, ветувањата се дека процесот ќе оди на тој начин со распределба, ќе се бориме ќе бараме аргументи и решенија кои ќе бидат во полза на работниците“, коментира Грујоски.

Дел од експертите сметаат дека е многу поважно администрацијата да се претвори во вистински сервис на граѓаните, а не само да се размислува со голи бројки на вработени:

„Администрацијата е гломазна и неефикасна, поради тоа што имаме и нестручни кадри кои што се примани по партиски клуч, а не врз основа на стручност. Тоа не смее да биде така ако сакаме администрација која може и мора да биде ефикасна. Факт е дека има и ресори каде недостасува соодветен кадар, тој проблем може да се среди со прераспределба со кадарни и способни луѓе кои ќе си ја знаат работата и ќе бидат стручно компетентни. Администрацијата мора да стане во служба на граѓаните а не на политиката“, предупредува професорот Ристовски. 

Berlin Neubau Bundesnachrichtendienste  Berlin
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Stache

(Не) Солидарност среде криза 

Македонската администрација во континуитет е предмет на критики не само поради бројноста, туку и поради нејзината недоволна ефикасност. Така е и периодов, кога во услови на пандемија и драматично намалена економска активност, голем дел од административците седат дома, но примаат редовни плати во полн износ. Обидот на власта за солидарно делење на товарот, односно кратење на платите наиде на големи критики и реакции па така планот не се реализираше. 

Во моментов, државниот апарат вработува околу 140.000 лица, од кои помал дел се со статус на привремено вработени. Бројката можеби не е превисока, но факт е дека таа е неефикасна. Згора на тоа, во добар дел ја сочинуваат и такви кои со години  земаат плата, а не одат на работа. Само овие лица кои се на платен список во министерството за политички систем ја чинат државната каса околу 9 милиони евра годишно. Жешкиот костен за средување на состојбите е сега во рацете на ДУИ.