1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

РЕК како Елдорадо за копачи од родово и пријателско стебло

1 јуни 2021

Без оглед кој е на власт, името на РЕК Битола со години е поврзано со обвинувања дека бизнисот за копање јаглен го добиваат фирми блиски на власта по разни основи

https://p.dw.com/p/3uFuo
Das Bergbau und Energie Kombinat  REK Bitola
Фотографија: Nord-Mazedonien Regierung

Со едноставна споредба на известувањето што е заведено и архивирано во МВР и она што е испратено во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, може да се утврди дали имало манипулации со известувањето, велат правни експерти. Сугестијата се однесува по обвинувањата што ги изнесе опозициската ВМРО-ДПМНЕ, за случај во кој бил рекетиран еден од сопствениците на компанијата „Рубитон“ од Битола. Целта била оваа команија која добила на тендер за ископ на јаглен во РЕК Битола да се откаже од работата во корист на „СВ Инвест“  и индиректно братот на премиерот, Вице Заев.

Сѐ уште нема одговори дали и како постапуваат надлежните инстутуции во расветлувањето на овој случај, особено што опозициската партија тврдеше дека во случајот има и други кривични дела. Откако оштетениот дал исказ, МВР составило известување кое било доставено во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Но кога виделе дека таму се наоѓа и името на братот на премиерот, според основани сомневања на ВМРО-ДПМНЕ, едно лице од МВР од Обвинителството ја земало првичната верзија од известувањето, ја коригирало и ја пратило втората верзија каде се избришани клучните имиња.

Дали тоа навистина случило? Ако според правни експерти ова е лесно проверливо, дали е тоа досега направено? Во недостиг на официјални изјави од надлежните, се шпекулира дека Обвинителството наводно доставило наредба за обезбедување на докази, но сѐ уште не добило одговор од МВР.

Молкот на надлежните го засили инсистирањето на ВМРО-ДПМНЕ за одговори.

„Кога планираат Вилма Русковска и Љубомир Јовевски да ги повикаат цела рекетарска и фалсификаторска багра за криминалот и обидите за изнуда? Зошто не им се вештачени телефоните на рекетарите уште кога стигнала во ЈО пријавата? Кој ги фалсификувал документите во МВР и ЈО за да се тргне името на Вице Заев од пријавата? Зошто на Вице Заев му требале 250.000 евра за референдумот и кого имал намера да поткупи со тие пари? Дали гласачите или пратениците во Собранието кои знаеме како гласаа?“, прашува портпаролот на партијата Димче Арсовски.

Das Bergbau und Energie Kombinat  REK Bitola
РЕК Битола - сомнежи за големи профити на одредени фирмиФотографија: Nord-Mazedonien Regierung

Едниот пријател, другиот познајник

Без оглед кој е на власт, името на РЕК Битола со години е поврзано со обвинувања дека бизнисот за копање јаловина и јаглен го добиваат фирми блиски на власта и дека станува збор за големи профити. За периодот на Груевски, за тоа сведочеа некои од „бомбите“, но прашањето е дали таа практика требало да заврши како предмет на санкционирање или на копирање.

Стојан Чифлигароски (39) сопственик на „СВ Инвест“, компанијата која ВМРО-ДПМНЕ ја посочи во овој случај, во разговор за БИРН во декември 2019 година, не криел дека има пријатели во семејството Заеви и како што самиот рекол - можел Вице Заев да го нарече пријател. Студирал со негова братучетка во Белград и преку другарувањето со неа ги запознал другите членови на семејството.

Притоа откри дека самиот му се понудил на тогашниот директор на РЕК Битола, Васко Ковачевски, и побарал шанса да добие работа.

„Отидов и му чукнав на врата, зошто Ковачевски пред да дојде на власт има зборувано дека кога би дошол во РЕК Битола би им дал шанса и на младите фирми да работат во рудниците“, објасни Чифлигароски во разговор за БИРН, во декември 2019 година. Тогаш ги отфрли шпекулациите дека е „близок пријател со Ковачевски“, а релациите ги објасни вака: „Се знаеме од Битола и може да се каже дека сме познајници кои понекогаш пиеле кафе“. 

Повеќе:

Копање во РЕК Битола- милионски зделки со старо нови партнери!

СЈО: Труст од РЕК Битола пумпал пари во приватни џебови

Во март 2018 година „СВ Инвест" го добила првиот бизнис вреден 345.000 евра, но не за копање јаглен, туку за чистење на лентите со руда. Не била избрана на јавен оглас, туку заедно со уште четири други фирми била поканета да даде понуда и да преговара. Од РЕК нема одговор зошто се брзало со скратена постапка, бидејќи веќе течела тендерска процедура за чистење на лентите со јаглен. Две недели откако „СВ Инвест" преку брза постапка била избрана да ги чисти лентите со руда, од РЕК го поништиле тендерот. До крајот на годината фирмата на Чифлигароски уште еднаш по скратена постапка била избрана за истата работа, а во март 2019 година, по втор успешен тендер, добила и годишен договор вреден 805.000 евра. Од тогаш добила триесетина тендери во вкупна вредност од над 6 милиони евра, но пролетва паднала во стечај.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, смета дека ова е уште еден, но не и еднинствен пример, за моделот кој го создала власта за испумпување на народни пари од државата, во случајот и преку РЕК Битола.

Кој со кого е поврзан?

Од РЕК ги отфрлија тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ, а вицепремиерот задолжен за борба со корупција Љупчо Николовски на седница за пратенички прашања, одговори со истите аргументи посочени од РЕК.

„Договорот со фирмата „Рубитон“ која ископувала јаловина, односно земја во рудникот Суводол е раскинат од страна на РЕК Битола на 7 ноември 2018 година затоа што фирмата не го вршела ископот со динамика и количини предвидени со договорот. За тоа постојат записници и други релевантни дoкументи од стручните служби на РЕК, а вчера беа објавени јавно од компанијата ЕСМ", рече Николовски.

Притоа, потенцираше дека зад континуираните напади кон РЕК Битола, конкретно за случајот „Рубитон“ се кријат и други причини кои од ВМРО-ДПМНЕ добро ги знаат.

„Сопствениците на оваа фирма се во блиски роднински врски со поранешниот директор на РЕК Битола од времето на владеењето на режимот на ВМРО-ДПМНЕ. Само во периодот од 2015 до 2018 оваа компанија од РЕК Битола има наплатено 6 милиони евра за истата работа. На крај, сите документи поврзани со овој случај се наоѓаат и кај судските инстанции и во РЕК  Битола. Јавноста и Мицкоски можат да ги дознаат", рече Николовски.

Во политички кулоари се шпекулира дека во случајот за кој обвинува ВМРО-ДПМНЕ, наводно биле инволвирани и други лица.