Рекорден број жртви во Италија од коронавирусот
18 март 2020Единаесет нови случаи на заразени од коронавирус беа регистрирани во Северна Македонија во изминатото деноноќие, информираше вечерва министерот за здравство Венко Филипче. Од 38 вкупно тестирани попладнево, позитивни на коронавирус се 7 лица, 3 од Дебар и 4 од Скопје. Со тоа, бројката на заболени од коронавирус во земјата се искачи на 42 лица.
„Состојбата на сите пациенти е стабилна. Двајца од заболените имаат средно изразена пневмонија“, информира Филипче. За тестовите на уште 22 лица кои се работат вечерва, министерот ќе информира утре.
Бројот на заболени во Северна Македонија можете да го следите и на оваа специјално дизајнирана страница:
Низ светот, коронавирусот продолжува драматично да се шири на европско тло. Најмногу жртви од Ковид-19 во последните 24 часа пријавија Италија (475), Иран (147) и Шпанија (107).
Бројот на новозаразени во светот следете го преку специјалната страница на американскиот Џон Хопкинс Универзитет:
Во Кина, каде започна епидемијата во декември, од вторникот до денес се регистрирани 13 нови случаи и 11 смртни случаи.
Бројот на жртви во Италија сега достигна 2.978 од вкупно регистрирани 35.713 случаи.