Рекорден егзодус на Македонците кон Германија
14 октомври 2016Во 2015 година забележан е драматичен пораст на доселувањето од Македонија во Германија, и притоа бројката на македонски државјани кои живеат во оваа земја достигна над 95 илјади луѓе. Со оглед на тоа што во 2009 година бројката на Македонци во Германија изнесувала 62.900 луѓе, тоа значи дека во шест години од 2009 до 2015, 32.700 Македонци ја напуштиле својата земја и се доселиле во Германија.
Во текот на 2015 околу 24 илјади македонски државјани пристигнале во Германија. Половината од нив останале да живеат тука, или вкупно 12.100.
Податоците покажуваат дека трендот на масовно иселување од Македонија кон Германија драматично се засилува во последните години. Во 2014 година, нето-приливот (државјани кои останале во Германија) изнесувал околу 6 илјади луѓе. Во 2015 година, таа бројка е удвоена.
Меѓу регистрираните македонски државјани во Германија особено е голем бројот на оние меѓу 20 и 45 години старост- возраст која се смета за најплодотворна. 38 илјади македонски државјани на оваа возраст се жители на Германија или околу 36 проценти од вкупната бројка. Дополнително, речиси 35 проценти од вкупниот број не се во брак. Околу 10.500 деца од родители со македонско државјанство се родиле во последните 10 години во Германија. Од вкупната бројка жители со македонски пасош во Германија, нешто над 14 илјади се родени во таа земја.
Бројките на германскиот Завод за статистика покажуваат дека над 30 проценти од македонските државјани кои престојуваат во земјата се тука, засега, привремено. Од оние кои биле регистрирани заклучно со декември 2015 година, 13 илјади имале дозвола за престој со траење до една година, а нешто над 18 илјади луѓе има дозвола за престој во времетраење од една до четири години.
Македонскиот државјанин во Германија во просек има 35 години и во земјата живее 16,7 години. Само 15 проценти од вкупно 95 илјади Македонци во Германија, се родени во земјата, сите останати се доселени.
Во статистичките податоци не се опфатени и македонските граѓани кои поседуваат бугарски, или пасош на некоја друга земја членка на ЕУ. Со оглед на новата политиката на германската влада која од почетокот на годинава почна да издава и зголемен број работни дозволи за граѓаните од земјите на Западниот Балкан, се очекува бројката во 2016 година да продолжи да расте.