Рекордна цена на бензинот во Германија
2 февруари 2022Цената на супер бензинот Е10 достигна рекорд во Германија. Еден литар вчера (1.02.2022) чинеше во просек 1,712 евра, соопшти Германскиот автомобилски клуб АДАЦ. Со тоа е надминат досегашниот рекорд од 2012 година, кога цената за литар беше 1,709 евра. Дизелот, пак, вчера се продаваше за 1,640 евра по литар, што исто така претставува рекорд.
Цените на горивата, по краткорочното опоравување есеноска, се зголемуваат со недели. Тоа се должи пред сѐ на цената на нафтата, која неодамна ја надмина границата од 90 долари за барел (159 литри) од типот Брент. Зад тоа се кријат економски и политички причини. Понудата е мала, а побарувачката солидна. Освен тоа, своја улога имаат и политичките тензии на руско-украинската граница. Русија е еден од најголемите производители на нафта во светот.
Кон тоа треба да се додаде и повторно зголемената цена за CO2. Меѓутоа, како што нагласува АДАЦ, дополнителните 5 евра за тон CO2 во цената на горивата се одразува со само околу 1,5 центи за литар, зависно од видот на горивото.
Зголемувањето на цените изгледа особено драматично ако се прави споредба со 2020 година. Тогаш цените на нафтата и на бензинотдостигнаа најниска точка поради пандемијата на коронавирус. Оттугаш, цените, со извесни осцилации, се движат по нагорна линија.
- повеќе: Дали наскоро енергијата ќе стане прескапа?
Голем дел од цената на бензинот во Германија отпаѓа на данок и давачки. Кај суперот Е10 сега во цената се пресметани 27 центи данок на додадена вредност, околу 65,5 центи данок на енергија, како и цената за јаглерод диоксид, која е во висина од 6 до 7 центи.