1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеГлобално

Ремдесивир за 30 илјади Европејци

ЕМФ | агенции
29 јули 2020

Европската комисија купи ремдесивир за 63 милиони евра. Со овој лек од почетокот на август може да се третираат илјадници пациенти со Ковид-19.

https://p.dw.com/p/3g7o7
Ägypten Keiro | Coronavirus | Medikament Remdesivir
Фотографија: Reuters/A. Abdallah Dalsh

Договорот со фармацевтската компанија Gilead за лекот кој ќе се продава под името Veklury е склучен во вторникот, соопшти денеска Европската комисија. Лекот ќе им биде ставен на располагање на земјите членки на ЕУ и Велика Британија.

Обезбеденото количество од лекот, според Комисијата, е доволно за третман на околу 30 илјади пациенти со тешки симптоми на Ковид-19. Тоа би ги покрило потребите во текот на неколку месеци. Во тек се преговори за натамошно снабдување со лекот за периодот од октомври натаму.

Ремдесивирот, односно Veklury, е првиот лек против Ковид-19 кој доби дозвола во ЕУ. Според Роберт Кох институтот во Германија, ремдесивирот е наменет за третман на лица постари од 12 години кои имаат воспаление на белите дробови предизвикано од Ковид-19 и на кои им е неопходна кислородна поддршка.

Лекарите на ремдесивирот не гледаат како на семоќно средство, туку како на светла точка за корона-пациентите. Меѓународна студија на крајот на април покажа дека ремдесивирот може да го скрати времето на опоравување на пациентите во просек за четири дена - од 15 на 11 денови.