1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ренци падна со иста брзина со која се искачи на врвот

БГ
5 декември 2016

Матео Ренци го загуби референдумот и експресно поднесе оставка на премиерската функција. Аналитичарите предвидуваат нова политичка и економска нестабилност во Италија.

https://p.dw.com/p/2TjYs
Italien | Ministerpräsident Matteo Renzi kündigt nach gescheitertem Referendum seinen Rücktritt an
Фотографија: REUTERS/A. Bianchi

На крајот, падот на Матео Ренци беше дури и побрз од неговиот исклучитечно брз пробив до врвот на италијанската политика. Неколку часа по тешкиот пораз на референдумот за уставните реформи, премиерот ја најави својата оставка.

Најмладиот премиер во италијанската историја, имаше само 39 години кога ја презеде функцијата во февруари 2014 преку внатрешен пуч во неговата Демократска партија, во само три месеци се издигна од целосно непозната личност како градоначалник на Фиренца во прв човек во државата.

„Енрико остани смирен“, го смируваше тогашниот премиер Енрико Лета во познатиот твит, само неколку часа пред да ја искористи партиската машинерија за да го смени од функцијата.

Манирите на неговиот пробив му донесоа репутација на безмилосен интригант. Но тоа не го спречи да си обезбеди импресивна поддршка.

Три сценарија

Аналитичарите предвидуваат три можни сценарија по поразот на референдумот и оставката на Ренци. Сега е на потег претседателот на државата Серџо Матарела.

Теоретски, Матарела би можел да побара од Ренци да формира нова влада, кој пак ќе обезбеди мнозинство во парламентот со актуелната поддршка или дополнително со нова коалиција со Форца Италија на Силвио Берлускони.

Но, се чини самиот Ренци ја отфрли оваа опција на прес-конференцијата по референдумот. „Моето искуство со владата завршува тука“, рече тој.

Најверојатното сценарио е дека Матарела ќе именува нов премиер со поддршка на актуелното мнозинство или ново проширено мнозинство. Најсериозни кандидати се актуелниот министер за финансии Пјер Карло Падоан и лидерот на Сенатот, Пјетро Грасо.

Привремената влада ќе има задача да го донесе буџетот за 2017 година и да го модификува новиот изборен закон пред новите избори.

Новиот премиер ќе треба да одлучи дали ќе го истера мандатот до крај, до февруари 2018, или ќе ги прифати барањата на опозицијата за предвремени избори.

Третата опција на Матарела е да предложи создавање на техничка влада.

Неуспехот на референдумот ги осили „анти-естаблишмент“ партиите во Италија, особено анти-имигрантската Северна Лига, како и водечките популисти на Пепе Грило Движењето пет ѕвезди.

За време на кампањата, ризикот од политичка нестабилност во Италија, четвртата најголема европска економија, предизвика реакции на берзите и пад на акциите на банките како и раст на цените на државниот долг.