1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ренци сака поданички медиуми

Карл Хофман
2 ноември 2016

Италијанската влада летоска ги смени најважните луѓе во државната телевизија и на нивно место постави други кои се помалку критични кон власта. „Неподобните“ новинари во Италија добиваат откази по налог на Матео Ренци.

https://p.dw.com/p/1Jicj
Фотографија: Getty Images/AFP/M. Alexandre

Заминувањето од функцијата на главен водител на ударните вести на третиот канал на италијанската телевизија РАИ, на Бјанка Берлингер очигледно ѝ падна многу тешко. Најголемата ѕвезда на информативниот канал на државната телевизија не штедеше остри зборови: „Во последно време се врши ненормален притисок од горе, станува збор за груби и вулгарни напади од највисоките политички кругови. Нашиот ТВ дневник им одолеа и се надевам дека и така ќе остане“. Тоа, сепак, ќе биде тешко без популарната шефица. На другите „неподобни“ колеги, исто така не им е лесно. Промената која се случи во РАИ пред крајот на летото, критичарите на власта ја нарекоа „ренцизам“.

Премиерот Ренци сакаше со силна пропаганда да издејствува одржување референдум за уставни реформи, во што и успеа. Владата тврди дека реформите се неопходни за модернизација на државата. Со нив е планирано да се укине дел од парламентот, што би требало да придонесе за олеснување на носењето на закони и заштеда на државни пари. Критичарите стравуваат дека тоа ќе ја намали моќта на парламентот и дека во иднина целата моќ во државата ќе биде во рацете на премиерот. Чистката во јавните медиуми, според обвинувањата на опонентите на Ренци, е средство за постигнување на таа цел, но и слика за идните односи во државата.

Диктатура“

Во Италија граѓаните одамна се навикнати на директно влијание на партиите и владата во државните медиуми. Десницата, центарот и левицата отсекогаш ја одредувале политиката на трите најголеми ТВ-станици. Наместо новинарска независност, постоеше политичка рамномерност, а бројот на гледачи на програмите беше одраз на односот на моќта во парламентот. Кога тие односи се менуваа - се менуваа и главните луѓе на РАИ.

Карло Фречеро се смета за генијален телевиски автор. Тој ја почнал својата кариера во приватните телевизии на Силвио Берлускони, а потоа преминал во РАИ, каде извршил модернизација на програмата со нови, современи и критички емисии. Кога Силвио Берлускони дошол на власт, Ферчеро морал да ја напушти функцијата. Но, тој никогаш не престанал да се бори против телевизиите во кои владее едноумие.

Italien RAI Journalistin Moderatorin Bianca Berlinguer
Бјанка БерлингерФотографија: Imago/Independent Photo Agency

Особено не денес: „Ренци спроведува ‘едноумие’ во целата РАИ. Такво нешто немаше ни во времето на Берлускони“.

Фречеро забележува на постојаното позитивно известување за „многу успешната политика“ на владата како и на систематското отстранување на критичните гласови од јавните медиуми - гласови кои се многу важни за формирање на јавното мислење. Тој вели дека и малцинствата би требало да добијат простор во програмата.

„Време е да се оди на барикадите и да се каже каква е навистина ситуацијата во медиумите“. Ренцизмот се претвора во диктатура!“, изјави Фречеро за независната телевизија ЛА7, додека РАИ веќе одамна ги цензурира таквите изјави.

Дали ќе се врати како бумеранг?

Новинарите на РАИ станаа поданици на власта. Тие не смеат самостојно да ги бираат соговорниците за политичките дискусии, а прашањата кои сакаат да ги постават мораат претходно да ги испратат на политичарите во пишана форма, објаснува раководителка на информативната програма на РАИ за ДВ, која сакаше да остане анонимна. Младата генерација новинари работи во многу лоши социјални услови, со што им е оневозможено да изразат каков било критички став.

Политички мотивираните промени на кадарот по правило водат до влошување на програмата. Добар пример за тоа е новиот уметнички директор на радио програмата на РАИ, кој по професија е банкарски службеник. Очигледно, по инструкциии од повисоки места, тој ги укина сите забавни програми од сатиричен карактер. Така, поради информативните дневници кои личат еден на друг, сведувањето на програмата на евтина забава и потрошени шоу програми, се намалува бројот на гледачи. Ова резултира со намалување на влијанието на јавниот сервис.

Неколку денови по заминувањето од ТВ дневникот, Бјанка Берлингер стана тема на дискусија, но не поради проблемите на телевизијата. Нејзиното име се споменува како можен противкандидат на Ренци на следните парламентарни избори. Таа е ќерка на легендарниот и сѐ уште почитуван лидер на комунистите Енрико Берлингер и за многу левичари таа е покредибилен кандидат од Матео Ренци, кој, као што тврдат тие, е само опседнат со власта.