1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Медиуми

Повеќе целно убиени новинари

Лиза Хенел | Села Онеко
29 декември 2020

Најмалку 50 новинари ширум светот во 2020 година го загубија животот во околности директно поврзани со нивната работа. Организацијата „Репортери без граници“ е загрижена: медиумските работници засилено целно се убиваат.

https://p.dw.com/p/3nJXK
Mexiko | Mord an Journalist Rios Vazquez
Погребот на мексиканскиот новинар Кандидо Риос ВаскезФотографија: Felix Marquez/AP/dpa/picture alliance

Беше тоа само кус видео-разговор на платформата Зум, а Наџиб Шарифи, шеф на невладината организација за заштита на новинари „Afghan Journalists Safety Comitee“, делува исцрпено. Вели дека изминатите недели биле напорни. „Мислам дека никогаш порано состојбата не била толку застрашувачка како сега. Бидејќи, се чини оти сите новинарки и новинари се во опасност“, вели Шарифи. „Во само 6 недели загубивме четвири новинарки и новинари.“

Шарифи не е единствениот кој стравува. 2020 година беше смртосна година за новинарките и новинарите ширум светот, како што заклучува организацијата „Репортери без граници“ во својот годишен биланс. Веќе во средината на декември оваа организација во првиот дел од годишниот баланс извести за уапсени, киднапирани и исчезнати новинарки и новинари. Во вториот дел од балансот станува збор за убиени медиумски работници.

Со околу 50 убиени новинари бројката е малку помала од пред една година, но „Репортери без граници“ се пред сѐ загрижени поради целните убиства. На пример, во ноември во Авганистан, во бомбашки напад на неговиот автомобил, страдаше новинарот Мохамад Алијас Даџи од радиото Асади, авганистанска програма на американското радио Слободна Европа. Пред околу две недели, исто така во Авганистан, целно е убиена новинарката Малала Мајванд која, исто така, се залагаше за подобра заштита на жените кои работат во медиумите. Мајванд беше една од двете новинарки кои се убиени во 2020 година. А со погубувањето на Рухолах Сам во Иран, на 12 декември, за првпат во изминатите 30 години е извршена смртна казна над еден новинар.

Бројката на целно убиени новинари е застрашувачки висока, во 2020 година целно се убиени 42. Тоа се над 20 отсто повеќе од 2019 година.

Ruhollh Zam | iranischer Journalist
Новинарот Рухолах Сам беше киднапиран во Ирак и префрлен во родниот Иран пред погубувањетоФотографија: Ali Shirband/Mizan News Agency/picture alliance/dpa

Божемен мир

Притоа, веќе не станува збор само за воени и кризни подрачја во кои во прв ред умираат новинарите. Во 2020 година речиси 7 од 10 (68 отсто) новинари и новинарки страдаа во земјите во кои официјално владее мир. За споредба, во 2016 година тоа беше 40 насто. Во овие земји спаѓаат, на пример, Мексико и Индија, двете од петте најопасни земји за новинарите. Во двете земји годинава се забележани сурови убиства. Новинарите беа живи запалени, искасапени и им беа отсечени главите. Многумина од убиените извршуваа истражувачка работа, работеа на чувствителни теми како корупција и организиран криминал. Но, и работата на теми кои се однесуваат на заштита на околината, како илегално рударство, ги доведоа новинарите во опасност. Но, често нивните убиства остануваат неказнети. На пример, во Хондурас се убиени тројца новинари, а во ниту еден случај не беа започнати сериозни истраги, наведуваат „Репортери без граници“.

Повеќе:

-Репортери без граници контра германската тајна служба

-2019: Помалку убиени новинари, повеќе во затвор

-„Репортери без граници“: Новинарите под притисок ширум светот

„Во премногу земји за новинарките и новинарите е опасно по живот да известуваат за корупција, мафија или за уништување на околината“, вели Михаел Редиске од „Репортери без граници“. Во земјите како Мексико, Ирак или Пакистан моќни криминалци, екстремистички групи и во дел корумпирани политичари сѐ уште сметаат на тоа дека за таквите злосторства ќе поминат неказнети. Тие злосторства никогаш не се насочени директно кон жртвите. Секое убиство на една новинарка или новинар е напад на правото на сите луѓе да се информираат слободно и независно“, вели тој

Honduras Journalist Almendares ermordet
Роднините на новинарката Луис Алмендарес во Хондурас тагуваат по нејзиното убиствоФотографија: Orlando Sierra/AFP

За Наџиб Шарифи од „Afghan Journalists Committee“ и неговите колешки и колеги голем проблем е тоа што често не можат да ги именуваат сторителите. Во минатото, вели тој, секогаш од почеток зад тие напади стоеја талибанците или т.н. Исламска држава (ИД), но од мировните преговори талибанците често се дистанцираат од нападите. „ИД презеде одговорност за неколку злосторства, но сето тоа е многу нејасно“, вели Шарифи.

Коронавирусот како дополнителна опасност

Оваа година се појави дополнителна опасност за новинарите ширум светот: коронавирусот. Уште во првиот дел од годишниот биланс „Репортери без граници“ упатуваат на случаи во кои новинарите беа уапсени поради критичко известување за мерките против коронавирусот. Дел од нив затворот ги чинеше живот

Стотици новинари ширум светот починаа откако заболеа од Ковид-19, но не може недвосмислено да се докаже дали се заразиле во приватно опкружување, или додека работеле. Во три случаи, „Репортери без граници“ смета дека е „прилично сигурно“ оти новинарите починале затоа што биле уапсени поради нивната работа и потоа веројатно се инфицирале од вирусот во затвор. Тука се вбројуваат Мохамед Монир, затворен во Египет и Салех ал-Шехи, кој работеше за дневниот весник Ал Ватан во Саудиска Арабија.

Двајцата, според „Репортери без граници“, биле пуштени од затвор неочекувано и со голема брзина непосредно пред нивната смрт. Тестот на Монир бил позитивен на коронавирус пред да излезе од затвор. Здравствената состојба на Ал-Шехи се влошила и тој поминал неколку дена на интензивна нега во болницата. Дали навистина починал од Ковид-19 не е сосема сигурно. Тамошните медиуми сметаат дека е така, но со целосна сигурност тоа не може да се потврди, истакнуваат  „Репортери без граници“, затоа што, саудиските власти одбиваат да ги дадат потребните информации.