1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Република Whatever Македонија

16 мај 2018

Ако премногу дрибламе помеѓу достоинството и решението, постои опасност да ги изгубиме двете: достоинството секако да ни пропадне, ама плус да останеме и без решение, со прстот в уста. Колумна на Петар Арсовски.

https://p.dw.com/p/2xoje
Petar Arsovski
Фотографија: Petar Arsovski

Како што се наѕира расплетот на проблемот со името, така општата јавност, па и дел од интелектуалните кругови, го интензивираат својот, во основа, ирационален пристап кон проблемот. Во оваа фаза треба да се очекува уште посилна невротичност, имајќи предвид дека сме суштински несигурни во сопствениот идентитет, кој со текот на времето аморфно се адаптира на тековните политички потреби, па станува антички, словенски, библиски, и слично, согласно дневната мантра. Оттаму, голем дел од позициите врзани за ова прашање ќе останат да се дефинираат во несвесното, со примарни психолошки драјвери детерминирани од негативна мотивација. Така, постои опасност да се противиме и на суштински добро решение, од чиста несигурност и целосно патолошки инает.

Полошото име поминува подобро

Само како пример, фактот што во јавноста најдобро поминуваат токму суштински полошите решенија е најдобар доказ дека ние своите позиции ги дефинираме како негација на другите, без никаков критички осврт кон суштината. Во изборот на имињата кои се појавија во медиумите од последната рунда преговори, најдобро беше прифатено „Република Македонија (Скопје)”, иако е тоа суштински полош избор од, на пример „Република Северна Македонија”, или „Република Горна Македонија”. Причината зошто ова име подобро поминува во јавноста е во најголем дел поврзана со фактот што Грција досега го одбиваше, па ние, по аналогија, го доживуваме како добро. Напротив, тоа е полошо решение одошто другите: прво, историски е помалку точно, потоа - воведува интерпункција во името, што не е баш достоинствена позиција, и трето, ако со составот на другите имиња единствена лична именка е „Македонија”, овде има две - „Македонија (Скопје)”. Логично, нам би требало да ни одговара име во кое, после колку сакате референци, на крајот го има само и единствено едното лично име, „Македонија” и само „Македонија”.  Така, кога по 10, 15 години, како спорот ќе се заборава, а светот ќе клони кон едноставност, оние кои ќе ве ословуваат со едно име, единствен избор од сложената кованица би бил Македонија, што не е случај со Македонија (Скопје), каде има избор од две лични именки, од кои секоја недвосмислено нѐ означува нас. Така, лингвистички и емпириски, Македонија (Скопје) е полош избор одошто Северна/Горна Македонија. Но, ете, полошото име поминува подобро во јавноста, што е доказ дека ние по ова прашање не бираме со умот, туку со инаетот.

Затоа, мислам дека во последнава фаза од преговорите треба да бидеме малку повеќе фокусирани на поголемата слика: не дали едно решение е подостоинствено од другото. Тука се согласувам со констатацијата дека достоинствено решение нема, зошто проблемот од почеток не е достоинствен. Затоа - ватевер - суштинското прашање е дали ние воопшто некогаш можеме да добиеме подобро решение од ова кое чекаме да ни го соопштат, и да избереме не дали еден пакет е подобар од другиот, туку да споредиме суштински: дали покомпромисно решение е подобра или полоша алтернатива од тоа да немаме решение воопшто. Зашто, изборите се тие: дали воопшто ќе го решиме проблемот (во сплет на околности најдобри за нас во последните неколку децении) и, ако не го решиме, кои се алтернативите?

Опасност од монументално пропаѓање

Да не се залажуваме: мантрата дека Македонија постоела отсекогаш и ќе постои засекогаш, па што ќе ни се НАТО и ЕУ, е целосен булшит. Ниту постоела, ниту ќе  постои. Ние немаме суштински капацитет да се организираме каде ќе фрламе ѓубре, а не пак да создадеме модерна и конкурентна држава и општество во глобалниот пазар кој се појави по 21-от век. Така, без влез во некој поголем и поорганизиран систем, од каде ќе црпиме државотворен капацитет и правила за уредено општество, монументално ќе пропаднеме, достоинствени во калта која самите ја продуцираме.

Други колумни од авторот: 

Попатни дилеми

Парче пелин, парче чоколадо

Но, како што ќе се наближува решението, така и интелектуално ќе се плевиме: на оние кои сакаат решение, и оние кои глумат прогресивци, па така сѐ посилни ќе бидат и стравовите и нерационалните пристапи и од кругови кои се во основа про-решение, кои од страв или догматски пристап, гордо ќе мрчат за техникалии кои во вкупниот пакет имаат минорно или никакво влијание. Демек, различна е тежината на ратификацијата во Уставот и во меѓународен договор. Точно, различна е, но само ако однапред планирате да ескивирате подоцна едно од тие две. Инаку, зборот е збор, договорот е договор, па бил тој запишан на салфетка или исклесан во камен. Значи, ако веќе сте прифатиле решение, зошто би бегале од тоа истото да го  ратификувате неповратно? Потоа, демек различно било ако сме задржеле друго име за по дома, демек тоа било подостоинствено. Па по ѓаволите дечки, значи цел свет, 7 милијарди да нѐ знаат под едно име, а ние, во ова нашиов мал ќумез, ќе тврдиме дека тие нѐ ословуваат грешно, а ова, нашево малечко име, за по дома, тоа е она вистинското? Сакам да кажам, доста пимпламе, или сакаме да го решиме проблемот или не.

Со прстот в уста...

Овие нерационални стравови во основа доаѓаат од несигурност, која мораме да ја победиме, инаку ниедно решение нема да ни биде доволно добро. Зашто, ако премногу дрибламе помеѓу достоинството и решението, постои опасност да ги изгубиме двете: достоинството секако да ни пропадне, ама плус да останеме и без решение, со прстот в уста.