Република Крушевска Македонија ©
2 ноември 2017Локалните избори завршија со победа на СДУИ. Тоа е јасно. Исто како што е извесно дека кон овие избори напати во годините пред нас ќе се навраќаме како на место на злосторство, за да се утврди од кого, како и зошто беа "поразени” ВМРО-ДПМНЕ, Беса и Алијансата кои сплотено и легитимно ја спорат нивната легитимност. Дотогаш, победниците цинично ќе се ситат и бранат со оправдувања дека „кој губи има право да се лути”, губитниците ќе се пумпаат со стероидите на гневот, а меѓународната стуткано ќе се затскрива зад адамовото листче на кое со бледи букви стои испишана оценката за добро организирани "компетитивни избори”.
Компетитивни избори. Несомнено досега најсмешниот измислен терминолошки изговор на меѓународната за давање позитивен вербален спин на македонските изборни патрдии. Смешен, но сепак сосема соодветен термин кој ја надополнува и заокружува природата на изборите во Македонија како компетитивни Конкурси за вработување, организирани за клиентелата на партиските претпријатија како акциони друштва во Владата. Во состојба во која претставништвото на граѓаните е веќе сведено на „купи-продај” бизнис- демократија, за очекување е да и самата смисла на изборието се диктира од логиката на нивната однапред исцртана утилитарност кон строго определена цел.
Концепциски амалгам
За попрецизно разбирање на корените на компетитивноста и утилитарноста на изборите кај нас, вреди повторно да се потсетиме за пост-идеолошката поделба на западно лимитирана демоктратичност и источно имитирана демократизација. Поделба диктирана од социјалната ерозија низ западните општества и јакнењето на средната класа и економскиот развој на истокот во чекор со развојот на концептот на суверена демократија како оска на ново-национална самостојност. Но пред да се зададете во дискусија за тоа во која графа припаѓаме ние, поцелисходно е да нештата ги согледате од поинаков агол кој соодејствува кон нашата внатрешна и надворешна поставеност.
Имено, нашиот случај е амалгам на двата концепта. Или со математичка прецизност кажано - интерсекција на два круга. При што меѓународната заедница ја има привилегијата да оценува и делегира строго лимитирана демократија за определување на улогата на домашен вршител на работи во спроведување имитирана демократија. Таа поделба на улогите е пак диктирана од наменската утилитарност во изборот на овдешен послушно доверлив вршител на работи за постигнување определена цел во определен рок. И тоа е суштината на дегенеративниот, а сепак реал-политички логичен однос помеѓу меѓународната дипломатска аристократија и домашната политичка какистократија како двотактен мотор на механизмот за зачувување на статус-кво состојба во име на фигуративни смени без политички промени.
Толку за начинот. Кој дополнително се разјаснува низ мотивот на неговата примена. Пред нас претстои процес за изведба на работите во промена на името, токму како што прилега на утилитарната природата на сезонските (с)електирани имитатори на демократијата. Разбира се, за волја на впечатоците и чаламите пред јавноста, на имитаторите им се дозволува да спроведуваат процеси, комисии, посети, преговори во кои единственото битно е да не заборават дека како и да свртат, нивната судбина е диктирана и однапред запечатена од финалниот договорен, очекуван и баран резултат. Накратко, процес диктиран според рефренот на песната "до извора два путиќа”, па како и да избереш – знаеш каде ќе завршиш.
Роковите течат
Во тој процес позната е сама равенката на грчката страна, нејзините ставови, услови и модуси за носење одлука во тамошниот парламент. Што не може да се каже – се уште! – за нашиот дел од задачата и начините на кој ќе се исполни ветеното. Иако рокот за испорачување забрзано тече, јавноста во Македонија сеуште не знае дали одлуката ќе биде спроведена преку референдум, дали преку Собрание и дали низ просто мнозинство или низ акламативно прифаќање на предложеното решение. Не треба да не чуди што – скраја сите караници – и власта и опозицијата споделено ја прифаќаат оваа стратегија на молкот, знаејќи дека исходот е неминовен, но спасот за партиските иднини лежи во начинот на кој ќе се стигне до финалниот резултат. И затоа дебатата за решение низ референдум или собраниска одлука (посебно доколку се бара апсолутно мнозинство) привлекува повеќе внимание на партиските кербер-медиуми отколку самото име за кое ќе се гласа.
Но иако станува се појасно дека решението се движи во правец кон приклонување кон "Горна Македонија” како унисекс партиски прифатена именка на бесмислена оксиморонштина, самите модуси и начинот на кој новото име ќе биде официјализирано станува репер за редица тековни внатрешно-политички динамики и идни реперкусии за водечките политички играчи. Се подразбира дека Заев е секако обврзан да испорача решение пред кредиторите од САД и ЕУ, додека пак Груевски е повикан да испорача (тоа што го готвеше) пред Македонците. Но името и неговото решение во добра мерка ќе ја определи судбината на обајцата, при што е сосема лесно да ловориките на победата прераснат во јамка околу вратот, додека пак замислениот погребален венец може да израсне во круна од трње врз главата на воскреснато справедливство над неправдата.
Стратегија на молкот
Зачудува сепак лефтерноста со која овдешната јавност се има повинувано кон стратегијата на молкот диктирана сплотено од власта и опозицијата, со наизменични пипета-дозирани информации за нешто што самата јавност – т.е. македонската - смета дека е од судбинска и историска важност. Дури би се рекло дека самиот дискурс за името е повеќе сведен на дневно-политички пазарења за идните судбини на сегашната троглава политичка каста, отколку за идните поколенија во кои сите сплотено се колнат и крстат. Таквата општо-прифатена утилитарност на самата дебата само го засилува впечатокот дека грижата за името и последиците од разрешницата се повеќе декларативно-вербални медиумски вревења, но со сосема малку искрена загриженост и вознемиреност на граѓаните. Рамнодушноста со која се прифаќаат смислено лиферуваните решенија оди во прилог на таа констатација, притоа потврдувајќи дека апатијата и заситеноста на јавноста од политиката е феномен кој ги надминува и изборните здосадености од партиските препукувања. Но апатијата е секогаш епизода, никогаш константа.
Токму затоа, со цел на заживување на самата дискусија и давање потстрек за потрезвено размислување, вреди да се даде предлог кој излегува надвор од вообичаените лабораториски предлози за разрешница на името според географски или административни категории. И се понуди решение – Република Крушевска Македонија - со кое се сублимира револуционериот историски зародишен момент на државната самобитност, мулти-етничкиот карактер на земјата и идентитетскиот континуум на македонството, а без притоа да се оспори било кој од условите наметнати од спротивната страна или останатите соседи.
Ти си Македонија!
Овој, и било кој друг предлог, е само дување на празно доколку фокусот на дебатата се фокусира на наметната ксметлијска матрица за неминовната (не)праведна завршница со очекувани поделби на улогите на "храбри” реформисти и "маченички” жртви. СДУИ и ВМРО-ДПМНЕ се само играчи, и тоа не сосема претставителни играчи на домашните политички волји, па следствено не можат да се сметаат како побитни од финалниот резултат. Виката и повиката по Груевски од страна на сдсмовските медиумски ботови е бесмислена и пред вмровското членство само го засилува неговиот посакуван иконографски премин кон имиџот на „херојска жртва на подла завера”. Од друга страна, кај партиски неопределените дава причина за двојбите дека СДУИ е ставена во заложништво на поставеноста на Груевски и неговата способност за умешна трговија со меѓународната заедница. Впрочем, тоа е двојната оштрица на утилитарната природа на меѓународната, со која некогаш се сечат глави, но некогаш и оковите на соперниците. Зависно од послушноста. И употребливоста.
Дотолку повеќе што дилемата за поставеноста на ВМРО-ДПМНЕ во однос на спорот веќе не лежи кај Груевски, туку кај пратениците на неговата партија, сплотено и поединечно исправени пред дилемата која ќе ја дефинира судбината на историската мисија на ВМРО низ изборот - Груевски или Македонија. На времето предупредувавме дека за Македонија, и посебно за ВМРО-ДПМНЕ, решението на името ќе прерасне во овдешно српско Косово, како перпетуален катализатор на идни демагогии, клетви, Вукови и Вождови.
Иронија на судбината е што оние кои ја измислија пораката на национал-патриотска мобилизација, сега се соочуваат со прстот вперен кон самите нив. Со се пораката: Ти си Македонија! Но сега со знак прашалник на крајот.